Охрабрете се и вложете повеќе во Вашата агенција, бидејќи така вложувате во развојот на Вашиот бизнис !
Сериозно негативниот тренд на намалување на паушалите за маркетинг и ПР агенциите од земјава присутен последниов период и особено нагласен последниве две години, иако за компаниите (огласувачите) привидно носи некаква заштеда – во суштина е игра на тенок мраз која дестимулира континуиран развој на агенциите и севкупно подобрување на квалитетот кој се испорачува а со тоа и предизвикува негативен импакт на пазарните резултати на самите компании.
Истиот момент кога ќе помислите да го намалите паушалот на агенцијата која Ве опслужува – помислете и на тоа дека така агенцијата ја ограничувате да ги привлече најквалитетните креативни таленти во индустријата, т.е. ресурсите кои Вам Ви се ставаат на располагање за да комуницирате на начин кој ќе Ве одвои од конкуренцијата и Вашиот производ/услуга ќе ја направи попривлечен за потрошувачите.
Зголемената конкуренција и пазарните неприлики со кои се соочува компанијата, односно, економијата, никако несмеат да бидат причина за ригидност во Вашиот комуникациски настап, туку силен повод да се охрабрите и повеќе да инвестирате во целиот маркетинг микс и комуникациска стратегија бидејќи само така Вашите напори ќе добијат оптимална димензија која ќе овозможи напредок и просперитет на бизнисот.
Креативната индустрија е таа која го движи бизнисот и целата економија и затоа за суштинско го сметам нејзиното значење, нејзината атрактивност и нејзиниот развој за една економија и една земја.
Во време кога производните линии добиваат свои бренд екстензии како никогаш досега, кога еден вид на производ може да се најде во десетици различни варијанти кои таргетираат десетици различни профили на потрошувачи – вредноста и значењето на добро екипираните агенции е поголема од било кога претходно.
Тука не сакам да бидам погрешно сфатен дека помалите, потесно специјализираните агенции се непотребни, туку напротив, сметам дека само со добро екипиран специјализиран тим за секој еден сегмент, од спроведување на истражување, до подготовка на стратегија, сегментација, дизајн, медиа планирање, адвертајзинг или ПР може да се испорачаат квалитетни резултати и позитивно влијание врз успешноста на компанијата. Избор на огласувачот е дали ќе користи повеќе “помали“ специјализирани агенции или една “голема“ full house агенција. И едниот и другиот избор имаат свои предности и недостатоци, но за тоа во друга прилика. Поентата ми е дека огласувачите НЕ СМЕЕАТ да помислат да “штедат“ на ангажирањето на човечките ресурси во својот креативен настап….и треба да ги стимулираат агенциите од сите “големини“ да инвестираат во прибирањето и развојот на севкупниот креативен потенцијал.
И за крај, навистина не можам да прифатам за коректни одлуки кога некои компании одлучуваат да соработуваат со определени агенции само поради тоа што истите понудиле пониска цена, а истовремено, не водат сметка дали таа “пониска цена“ на агенцијата, на ПАРТНЕРОТ на Вашата компанија, ќе и овозможи да опстои долгорочно и така да размислува кога носи одлуки како Вашата компанија да спроведе некаква стратегија или активност.
Ако таа агенција неможе долгорочно да го одржува својот бизнис, зошто мислите дека долгорочно ќе го одржува Вашиот?