Иако многу индустрии беа директно погодени од економската криза, пазарот со луксузни производи доживеа раст. Во разговорот за Блумберг Адриа, Игор Божиновски од „Божиновски часовници и накит“ потенцира дека Македонија иако е мал пазар сепак има апетити за инвестиции во луксузни производи, а еден од главните критериуми за ваквиот избор на инвестиции е и сентименталната поврзаност со производите, смета Божиновски.
Но, во Македонија и натаму недостигаат познати луксузни брендови. Причина, меѓу другото, според Божиновски, е неможноста за поврат на ДДВ за странски туристи.
„Македонија покрај сите атрибути што ја сместуваат на дното на многу скали, се наоѓа и на дното на скалата по присутност на луксузни брендови. Покрај големината на пазарот и малата куповна моќ, најголемата пречка е Законот за ДДВ, кој е донесен 1999 година, а влезен во сила во 2000, а со него се регулира и налага повратот на ДДВ на сите странски државјани. Да кажеме дека во просек во последните 24 години имало по 500.000 регистрирани странски туристи и доколку оставеле барем по 100 евра поттикнати со ослободување од данокот, тоа се најмалку 50 милиони евра изгубен девизен прилив годишно. Патем се изгубени и можностите да бидат присутни големи луксузни брендови како ‘Прада’, ‘Хермес’, ‘Шанел’, ‘Луј Витон’, ‘Ролекс’, ‘Бреге’… Тие, пак, се генератори на шопинг-туризам, кои пак генерираат дополнителни ноќевања, развој на угостителството, културно-историски туризам, вински, медицински туризам, агротуризaм и слично. На тој начин во еден причинско-последичен стратегиски концепт, развојот на нашата земја и економијата би можеле да се стават на брза нагорна лента“, вели тој.
Прочитајте го целиот разговор на линкот:
Сентименталната вредност – мотив за инвестирање во часовници и во накит | Bloomberg Adria