Генералниот креативен директор на агенциската мрежа BBDO Worldwide, Дејвид Лубарс, најави дека ќе се пензионира на крајот на оваа година.
Препознаен од Форбс како еден од најдобрите 10 креативни директори на сите времиња, работата на Дејвид отсекогаш предизвикувала внимание и изненадување, секогаш била изработена до совршенство и секогаш ја откривала, како што самиот би рекол – „вистинската магија на брендот“.
Во својата 40-годишна кариера, Дејвид лично има освоено над 600 награди на Cannes Lions, 700 награди на One Show и седум Emmy награди. Од слоганот „Не си ти кога си гладен“ за Snickers, до мултимедијалниот проект HBO Voyeur и револуционерниот серијал на филмови за BMW – неговото наследство во креативната индустрија е легендарно.
Под водство на Дејвид Лубарс, BBDO била прогласена за „Агенциска мрежа на годината“ на Cannes Lions рекордни седум пати, а во 2020 година и за „Агенциска мрежа на деценијата“. Тој е примен во Креативната куќа на славните на The One Club и беше почестен од Clio со награда за животно дело.
„Ова беше спринт на 100 метри на маратонска патека. Моите колена ме болат, па сега сум подготвен да си одам. Секој кој работел во огласувањето знае дека ова не е индустрија за пешачење“ – искоментира Лубарс по однос на неговата одлука да се пензионира.
Претседателот и извршен директор на BBDO Worldwide, Ендрју Робертсон, посочи: „Нема сомневање дека Дејвид е еден од најталентираните писатели во светот, но неговите вистински дарови се неговата способност да фати идеи и да го види потенцијалот во туѓата работа, потоа да им помогне да го издигнат од добро во одлично. Затоа толку многу неверојатно талентирани луѓе сакаа да работат со него, како во Њујорк, така и низ нашата мрежа.“
Наследник на Лубарс на позицијата генерален креативен директор на глобалната мрежа BBDO Worldwide ќе биде Крис Бересфорд-Хил, актуелен генерален креативен директор на BBDO за Северна и Јужна Америка.