Италијанскиот луксузен бренд Bvlgari го врати рекордот за најтенкиот часовник во светот со новиот „Octo Finissimo Ultra COSC“ – со дебелина од само 1.7 милиметри.
Уште во 2022 година, Bvlgari го постави рекордот за најтенок часовник во светот со „Octo Finissimo Ultra“ – тенок 1.8 милиметри. Меѓутоа, по само неколку месеци, нивниот рекорд беше соборен од швајцарскиот луксузен бренд Richard Mille со часовникот RM UP-01, изработен за Ferrari, тенок 1.75 милиметри.
Bvlgari го врати рекордот со новиот „Octo Finissimo Ultra COSC“, кој доаѓа со оптимизирано куќиште со дијаметар од 40 мм, успевајќи во него да ги вклопи сите 170 компоненти на механизмот што го напојува уредот.
Задниот дел од куќиштето е изработен од металната легура волфрам карбид, додека пак предниот дел и нараквицата се изработени од титаниум.
Часовникот ќе биде произведен во само 20 примероци, кои ќе се продаваат по цена од 600.000 евра.