Говорниците ќе покажат како наградуваната креативност постигнува раст на бизнисот и ќе ги истражат иновациите што ќе ја трансформираат индустријата, како дел од петте основни тематски текови на фестивалот
Обемната програма на Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions за 2024 година ќе вклучува повеќе од 150 часа на содржини, со околу 500 говорници од целиот спектар на креативноста. Фестивалот ќе трае од 17 до 21 јуни, во Кан, Франција.
„Нашиот отворен повик за содржини ни дава неспоредлив увид во она што е најважно за индустријата во моментов, а ние го искористивме ова за да дизајнираме програма исполнета со разновидност на гласови кои нудат различни перспективи за глобалните предизвици. Говорниците вклучуваат креативци, монаси, комичари, уметници, филмаџии, научници, економисти, прогнозери на трендови и параолимпијци – тоа е одраз на повеќеслојниот свет на креативноста“ – изјави Наташа Вудвал, директорка за содржини во LIONS, во однос на овогодинешната програма.
Извршниот директор на LIONS, Сајмон Кук, додава: „Ги идентификувавме клучните области кои се на врвот на интересот за нашата индустрија и заедница и ги искористивме за да создадеме пет основни текови на содржина што ќе се одвиваат за време на фестивалот. Оваа постава на таленти од светска класа ќе ги сподели размислувањата, процесите и техниките што доведоа до најуспешните и најнаградуваните проекти и ќе ѝ обезбеди на нашата заедница врвни алатки, увиди и знаење што им се потребни за да го поттикнат личниот и деловниот раст“.
Петте тематски текови на фестивалската програма на Cannes Lions 2024 се:
- Insights and Trends – тема за стратешките предизвици, однесувањето на потрошувачите, културните промени и креативното размислување што ја водат индустријата напред.
- Innovation Unwrapped – тема за пионерите, технологиите и трансформациите кои ќе ја револуционеризираат утрешноста.
- The Creativity Toolbox – врвно портфолио на занаетчиството, процесите и техниките кои ќе ви помогнат да постигнете креативна извонредност – објаснето од наградуваните креативци и брендови.
- Talent and Cultures – тема за луѓето и практиките зад креативните организации кои напредуваат.
- Creative Impact – докажување на вредноста и ефективноста на креативноста.
Програмата на фестивалот е достапна за детално разгледување на следниот ЛИНК, а ќе биде надополнувана како што ќе бидат потврдувани нови имиња на говорници.
Повеќе информации за котизацијата и опциите за учество на Cannes Lions можете да најдете на www.canneslions.com.