Технолошкиот гигант Microsoft и производителот на безалкохолни пијалаци The Coca-Cola Company го соопштија склучувањето на петгодишно стратешко партнерство за усогласување на основната технолошка стратегија на Coca-Cola со системските услуги на Microsoft, овозможувајќи го усвојувањето на врвна технологија и поттикнувањето на иновациите и продуктивноста на глобално ниво.
Како дел од партнерството, Coca-Cola ќе инвестира 1,1 милијарда долари во Microsoft Cloud и неговите способности во сферата на генеративната вештачка интелигенција. Соработката ја нагласува тековната технолошка трансформација на Coca-Cola, поткрепена со Microsoft Cloud како глобално преферирана и стратешка платформа за клауд-услуги и вештачка интелигенција.
Преку партнерството, компаниите заеднички ќе експериментираат со револуционерна нова технологија како Azure OpenAI Service за да ја развиваат иновативната употреба на генеративната вештачка интелигенција во различни деловни цели. Ова вклучува тестирање на асистентот Copilot за пакетот Microsoft 365 и како таа може да помогне во унапредување на продуктивноста на работното место.
„Со нашето долгорочно партнерство, постигнавме значителен напредок за да ја забрзаме трансформацијата на вештачката интелигенција низ целиот систем на компанијата Coca-Cola и нејзината мрежа на независни партнери за флаширање ширум светот“ – посочи Џадсон Алтоф, извршен потпретседател и генерален комерцијален директор во Microsoft, додавајќи: „Горди сме што ја поддржуваме Coca-Cola додека таа продолжува да ја прифаќа ерата на вештачката интелигенција и гледа кон решенија како Azure OpenAI Service и Copilot за Microsoft 365 за да поттикне иновација во секоја област од нејзиниот бизнис.“
Coca-Cola ги мигрираше сите свои апликации во Microsoft Azure, а повеќето големи независни партнери за флаширање го следат примерот. Како пионер во усвојувањето на вештачката интелигенција, Coca-Cola иновираше со генеративната вештачка интелигенција скоро една година и веќе ја користи услугата Azure OpenAI за реконцептуализација на своите деловни практики – од маркетинг, па сè до производство, снабдување и пошироко. Компанијата моментално ја истражува употребата на генеративни дигитални асистенти со вештачка интелигенција на услугата Azure OpenAI за да им помогне на вработените да ги подобрат искуствата на клиентите, да ги насочат операциите, да поттикнат иновации, да стекнат конкурентска предност, да ја зајакнат ефикасноста и да откријат нови можности за раст.
„Овој нов договор се надоврзува на успехот на партнерската стратегија на Coca-Cola со Microsoft, покажувајќи ја нашата посветеност на тековната дигитална трансформација“ – рече Џон Марфи, претседател и генерален финансиски директор на Coca-Cola. „Нашето партнерство со Мајкрософт порасна експоненцијално, од договорот од 250 милиони долари што првично го објавивме во 2020 година, на 1,1 милијарда долари денес.“
Договорот одразува значаен чекор во унапредувањето на дигиталната трансформација на Coca-Cola, фокусирана на обезбедување на проширен пристап до платформите за клауд-услуги и вештачка интелигенција на Microsoft – вклучувајќи и деловни решенија како што се Microsoft 365, Power BI, Dynamics 365, Defender и Fabric – за подобрување на ефикасноста и приспособливоста, истовремено поттикнувајќи ги иновациите низ корпоративниот екосистем.
„Нашето проширено партнерство со Microsoft е важно следно поглавје во развојот на Coca-Cola како компанија која дигиталното го става во преден план, поддржана од новите технологии. Услугите на Microsoft помагаат да се забрза нашето усвојување на вештачката интелигенција за да се создаде зголемена вредност на бизнисот“ – заклучи Нирај Толмар, виш потпретседател и глобален генерален директор за информации во Coca-Cola.