Петра Крулц, една од најнаградуваните и најпознатите креативни лидери во Словенија и една од ретките регионални креативни директори наградени со Cannes Lions и Effie Awards Europe, се приклучи на агенцијата Futura DDB.
Како регионален директор за стратешки креативен развој, нејзината главна одговорност ќе биде да обезбеди значаен чекор напред и извонредност во креативното делување на агенцијата на глобално ниво – како во Словенија, така и во Хрватска.
„Амбицијата на Futura е да продолжи да биде креативен партнер кој им носи резултати на брендовите со извонредни и ефективни маркетиншки решенија. Поради своето искуство, Петра е непроценлив експерт за регионалната маркетинг професија. Со нејзиното доаѓање, Futura доби силен поттик во стратешката креативност, што ќе донесе извонредност во решенијата за нашите клиенти на меѓународно ниво“ – рече Грегор Фирбас, извршен директор на Futura DDB.
Како нов регионален директор за стратешки креативен развој, Петра Крулц истакна: „Поради завидните достигнувања во последните 30 години, како и знаењето кое го носи партнерството со мрежата на DDB, Futura поседува непроценлив талент, вештини и искуство. Чест и радост ми е што во блиска иднина ќе го ко-создавам стратешкиот пат и извонредноста во услугите на агенцијата“.
Како извршен креативен директор, Петра работеше во агенцијата Grey повеќе од 17 години, каде што таа и нејзиниот тим освоија многу награди и титули. Таа исто така била член на Европскиот и Глобалниот креативен совет на Grey.
Учествувала во бројни локални, регионални и меѓународни жирија на признати огласувачки фестивали, меѓу кои и светски познатите London International Awards (LIA) во Лас Вегас. Таа била колумнист за Marketing Magazin, гостин-предавач на Факултетот за општествени науки, а од 2018 до 2019 година била и претседател на натпреварувачката комисија на Словенечкиот огласувачки фестивал.
Во годините по работата во агенцијата Grey, како член на извршниот одбор на меѓународната компанија за креативни технологии Celtra, Петра водеше глобално креативно студио кое обезбедуваше дигитални услуги за клиентите на Celtra како што се Adidas, Spotify, NBCU, Bloomberg и други. Исто така, во 2022 година, таа го водеше глобалниот маркетинг на Celtra.