На 28-ми мај со почеток во 20:00 часот, во Домот на култура Кочо Рацин – Скопје, Ателјето за цртање и сликање на Лара Ташковска ќе ја отвори Годишната завршна изложба на која ќе ги презентира ликовните дела на своите учесници создадени во изминатата учебна година.
На оваа манифестација со цртежи и слики ќе се претстават деца, млади и возрасни учесници на кои ќе им бидат врачени сертификати. Свеченото отворање и врачувањето на сертификатите ќе се одвива на Зелениот кров, а ликовните дела ќе бидат изложени во салонот Сутерен на Домот за култура Кочо Рацин-Скопје.
Оваа ликовна школа е оснивана во 2017 година во Скопје од страна на ликовната уметница Лара Ташковска. Таа има за цел да овозможи образование во областа на ликовните уметности преку давање часови и курсеви за цртање и сликање на деца, млади и возрасни. Во текот на изминатите години овие обуки ги поминале над 500 учесници.