Францускиот луксузен моден бренд Chanel остана без креативен директор со заминувањето на Вирџинија Вијард од водечката креативна функција во компанијата. Луксузниот бренд го потврди нејзиното заминување, изразувајќи благодарност за нејзината богата петгодишна соработка.
Заминувањето на Вијард го означува крајот на нејзината тридецениска кариера во париската модна куќа. Во 2019 година, таа ја презеде функцијата креативен директор од Карл Лагерфилд, означувајќи пресврт во креативниот развој на модниот бренд.
Нејзините дизајни, кои често се карактеризираат со опуштени силуети со блесок од осумдесеттите, означуваа контраст во однос на гламурозноста и експресивноста на креациите на Лагерфелд.
За време на нејзиниот мандат, Вијард беше високо ценета за обновувањето на модниот код на Chanel, истовремено почитувајќи го креативното наследство на брендот. Нејзината работа доведе до силен раст на продажбата на готови модни парчиња, зголемувајќи се двојно од 2018 година наваму.
Заминувањето на Вијард доаѓа во пресрет на презентацијата на новата колекција на Chanel за сезоната есен-зима 2024/2025, закажана за 25 јуни во Париз.
Името на нејзиниот наследник или наследничка е сè уште непознато.