Данската непрофитна организација за борба против ракот и поддршка на лицата заболени од рак, Danish Cancer Society, лансираше хумористична кампања со која се надева дека ќе влијае на Данците да се чуваат повнимателно од сончевите зраци во текот на летните месеци.
Главен лик во новата кампања е трансилванискиот вампир Игор кој се жали дека станал туристичка атракција од која никој повеќе не се плаши и поради тоа – животот му станал досаден. Поради тоа, со задоволство ја прифатил поканата на Danish Cancer Society да биде ангажиран како „Експерт за сенка“ (“The Shadow Expert”).
Неговата задача е да ги подучува луѓето како да се чуваат од сонцето: да носат капа, да се штитат под сенка и обавезно да се мачкаат со крема за сончање. Сепак, неговата вампирска природа е причина за бројни незгодни и хумористични интеракции со данските граѓани, иако мора да се признае дека советите му се валидни. :)
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Pong и продукциските студија Holy Ravioli и Armada.