Пивскиот бренд Heineken и креативната агенција Publicis London лансираа нова промотивна кампања на британскиот пазар со која бесплатно ќе ги заменуваат истурените чаши пиво на англиските фудбалски навивачи за време на Еуро 2024.
Истражувањето кое претходело на кампањата покажало дека наводно 11 милиони чаши пиво по грешка се истураат секоја година за време на големите спортски настани. Со цел да ја надокнадат „големата загуба“ за навивачите, Heineken го претстави првото „Осигурување на пиво“ во светот – HeineCare Beer Insurance.
Во британските пабови ќе бидат поставени подметнувачи за чаши со специјален QR-код, чие скенирање води кон почетната страница на HeineCare каде што треба да се внесат некои основни детали. За возврат, посетителите кои го истуриле своето пиво ќе добијат ваучер кој треба да му го покажат на персоналот во пабот за да добијат бесплатна замена на чаша Heineken или Heineken 0.0.
Кампањата се промовира преку надворешни реклами и креативи на социјалните мрежи кои ги охрабруваат фановите да не жалат по истуреното пиво.