Борис Бекер стана извршен директор на австриската агенција Чептер 4, додека Северин Хајниш останува како партнер и дел од менаџерскиот тим. Досегашниот мнозински соспственик Хајниш (64 години) ги предава своите акции на Бекер (37 години) како дел од долгорочниот план за уредна транзиција и преземање на бизнисот од следната генерација.
„Нашиот агенциски план за долгорочен развој ја предвиде и оваа ситуација на примопредавање на бизнисот кон новите генерации, без притоа да влијае на успешното функционирање на Агенцијата и на мрежата. Направивме транзиција и чекориме кон уште повеќе успеси. Драго ми е што досегашниот мнозински сопственик останува дел од менаџерскиот тим и како мој сениор партнер“ – вели Бекер.
Агенцијата Чептер 4 е основана во 2010 година во Виена, Австрија и прерасна во водечка агенциска групација во Југоисточна Европа, која работи со локални агенции во Австрија, Романија, Унгарија, Словачка, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија. Агенцијата соработува и застапува други светски агенции за комуникација на овие пазари. Оваа агенција на македонскиот пазар функционира од 2011 година, раководена од Тодор Стојчевски.
Чептер 4 нуди сеопфатна мрежа за односи со јавноста и комуникација и со повеќе од 80 консултанти, а генерира вкупен приход од околу 4,7 милиони евра (2023 година).