Николаос (Никос) Димитриадис е еден од најпознатите експерти на полето на невромаркетинг. Ко-сопственик е на агенцијата DNA Communications од Белград, Србија и еден од ретките регионални сертифицирани невромаркетери. Повеќе за неговата работа и состојбата со развојот на невромаркетингот во интервјуто кое за Маркетинг365 го правеше колегата Мирослав Мечкароски.
М365: Кој е Никос Димитриадис? Кажете ни нешто повеќе за себе.
Јас сум директор за развој на Executive Development Institute на Универзитет Шефилд, Интернационален Факултет и сум предавач на Sheffield Executive MBA програмата во ЈИЕ регионот. Моите магистерски и докторски титули ги добив на Универзитетот Шефилд. Јас сум сертифициран невромаркетер, како и наградуван комуникациски професионалец (IPRA, SABRE и др.). Над десет години ги имам применувано невролошките и науките за однесување на луѓето во маркетингот, комуникациите и лидерството. Во моментов работам на книга за применувана невро-наука за лидери како ко-автор и зборував на TEDX Strathclyde 2015 за потребата од мозочно-базирана комуникација (како дел од невро-науката). Исто така, ко-сопственик сум на DNA Communications, адвертајзинг агенција која нуди комплетни услуги од Белград, Србија.
М365:Имате големо искуство во полето на маркетингот, но кој проект ви е најомилен? Ќе можете ли да ни кажете нешто повеќе за истиот?
Студирајќи го и работејќи во полето на маркетингот и комуникациите повеќе од две декади ми ја даде можноста да бидам вклучен во повеќе воздбудливи, високо профилни и меѓу-државни проекти. Најомилените три би рекол, се прво, интегрираната бренд стратегија на Холцим Србија што доби две престижни интернационални награди, како и неколку локални. Како втор проект, Нелт и стратегијата за корпоративни култура и советување каде што вметнавме иновативна методологија базирана на одредени умствени согледувања, проект кој што исто така доби награда. И, како трет проект што можам да го споменам е ИКЕА и проектот за интерна комуникација во однос на отворањето на продавницата на ИКЕА во Загреб. Сепак, најдобриот проект е следниот проект! :)
М365:Како би можеле да ја опишете сегашната маркетинг ситуација на Балканот? Дали сме упатени во вистинскиот правец или сеуште правиме почетнички грешки?
Имаме многу талент и енергија на Балканот и тоа секогаш ќе биде наша предност. Не направивме многу со моделот на традиционален маркетинг во секој случај, па можеби ние сме во подобра позиција за да направиме големи нешта во оваа маркетинг реалност на социјални медиуми и интернет. Флексибилниот, насочен кон користење на меѓусебните корелации, можеби и хаотичен начин на мислење на Балканскиот народ е одличен за оваа нова бизнис ситуација. Секогаш мора да се гледа на позитивната страна на нештата!
М365: Како би ја опишале улогата на маркетингот и комуникациите во развивањето и поддршката на здравата иднина на сите организации/компании?
Маркетингот за мене не е само бизнис функција или оддел во компанијата. Сметам дека маркетингот е причината зошто компаниите воопшто и постојат. Без разлика колку добри IT системи, убави згради или одлични луѓе на позиции се има, доколку потрошувачите не ги купуваат Вашите производи и услуги, тогаш немате ништо. Токму затоа бренд капиталот стана најголемиот мотор на корпоративната вредност, значејќи дека вредноста на самиот бренд (желбата на луѓето да го купуваат брендот со зголемена повторуваност) е поголема од вредноста на сите останати компаниски средства, интелектуални или физички. Кога ќе помислите на Apple, Coca Cola, Google – тоа се големи брендови затоа што луѓето веруваат во нив. Доколку никој не верува во тебе, тогаш нема да има лојалност кон твоите производи и така ќе се има низок бренд капитал и компанијата ќе нема висока вредност на пазарот. Маркетингот и градењето на бренд се главните состојки во имањето бизнис вредност.
М365: “Имањето на уникатно бренд искуство” е веројатно главната цел што секоја компанија сака да им ја понуди на своите клиенти, но тоа понекогаш не може да се претстави онака како што се сака во јавноста, односно се излегува онака како што се планира. Од која точка би требало една компанија да почне да го креира својот бренд? Која е главната нишка во комуникациите?
Во право сте. Посебно во нашиот регион, брендовите не се градени подеднакво низ сите канали. Се треба да започне и заврши со потрошувачот и на потрошувачот не му е грижа за различните оддели во Вашата компанија и агенции. Потрошувачот се грижи само за своите потреби. Дали брендот изгледа дека целосно и искрено ги задоволува сите потреби на потрошувачот од било која негова точка? Одлично! Но, тоа не е она што го гледаме на пазарот. Маркетинг директорите се одговорни за креирање на бренд стратегијата и потоа одговорни за тоа дека сите инволвирани, внатре и надвор од компанијата, се движат во истата рамка на оваа стратегија. Тоа е единствениот начин да се создаде цврсто и повторувачко потрошувачко искуство. Мора многу да се направи во нашиот регион, но и глобално, за да се добијат задоволителни резултати. Последно, сите големи брендови би требало да почнат да трошат повеќе финансии на рекламирање online него ли offline за да можат дигиталните потреби да станат главниот мотор на развојот на брендот.
М365: Вие сте активно вклучен во невро-маркетингот. Истиот е релативно нова алатка во обидите да се разберат потрошувачите. Што би можело да се заклучи?
Имаме два вида на гледање на невро-маркетингот. Првиот е да се види истиот само како алатка за истражување која што може да оди надвор од традиционалните истражувања и фокус групи и да се пристапи директно во мозокот (умствените размислувања) на потрошувачот. Така, ги заобиколуваме конфузијата и погрешните слики кои што се случуваат на природен начин и можеме да ги видиме вистинските делови на мозокот кој што го водат однесувањето на потрошувачот. Вториот начин е да се гледа на невро-маркетингот како на холистички маркетинг пристап кој што не запира само на истражување, туку и продолжува со стратегија, праќање пораки, креативен и продажен процес. Го поддржувам вториот поглед/начин затоа што првиот е навистина рестриктивен. Невро-маркетингот е целосно нов бизнис јазик кој што треба брзо да го научиме ако сакаме да понудиме вистинска вредност за нашите потрошувачи и нивниот мозок и умствено размислување.
М365: Како би го оцениле невро-маркетингот во нашиот регион? Колку сме “позади светот” на ова поле?
Како регион, всушност ние сме навистина добри бидејќи имаме веќе и агенции во Грција, Унгарија и Романија кои што работаат на невро-маркетинг истражувања. Најважно, ние сега ги имаме и Sales Brain во нашиот регион, пионерите и лидери во невромаркетингот на глобално ниво. Нивната книга беше првата и најкомплетната во врска со темата, и тоа објавена пред цели 10 години. Тоа исто така е и агенцијата која што ме сертифицираше мене како невро-маркетер и мојата агенција DNA Communications како претставници во целиот регион. Ова се навистина возбудливи времиња. Компаниите и организациите имаат решенија блиску до нив. Работата е што треба да ги искористат овие решенија пред да ги искористи истите нивната конкуренција.
М365: Ќе можете ли да ни објасните еден невро-маркетинг проект? Кои се состојките?
Невро-маркетингот ги таргетира оние делови од мозокот кои што се одговорни за однесувањето на луѓето. Традиционалниот маркетинг е премногу базиран на стариот модел на човечност со погрешната претставка дека сме рационални суштества способни за објаснување и разбирање на нашето однесување. Ова водеше до губење на време и пари за компаниите и потрошувачите. На пример, сакавме да направиме голем истражувачки проект за една банка која што сакаше да привлече нови клиенти за своите кредитни картички. Откако ги прашавме луѓето што сакаат да знаат пред да земат нова кредитна картичка, нивниот одговор беше дека сакаат да ја знаат висината на каматната стапка. Ова е навистина рационален одговор на тотално рационално прашање. Но, кога ги прашавме да ни ги кажат стапките на картичките што досега ги користеле од другите банки, никој не можеше да ни даде одговор бидејќи никој не знаеше. Значи, доколку не ја знаат стапката на кредитната картичка што моментално ја користат, како можат да ја споредат со новата картичка што се нуди? И навистина ќе биде проблематично доколку банката започне да ја нуди висината на каматната стапка како главен маркетинг адут. Ова е проблем кој што може да го реши невро-маркетингот. Разлика помеѓу мислење и правење/работење. Работењето е она што треба да се таргетира од наша страна како маркетери, а не само мислења и ставови.
М365: Што е Вашиот совет до Вашите колеги и нашите читатели? Што е иднината во поглед на маркетингот, според Вас?
Иднината во овој момент е навистина тешка за проценка. Ова е неверојатно возбудливо бидејќи имаме активна улога во обликувањето на иднината. Како никогаш досега, индивидуалец или мал тим од било каде во светот можат да направат голема разлика. Start ups, паметни апликации и компетентни професионалци од било која земја можат да го освојат светот! Нема повеќе изговори. Мора да ја најдете својата цел во животот и својата страст што е можно побргу. Целиот свет е сцена, мора да заблескате! Немојте да бидете компромисни, секогаш подобрувајте се и константно конектирајте се и создавајте мрежа од контакти. Не ја знаеме иднината но истата дефинитивно е наша!