Јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung пред неколку денови го претстави новото продолжение на глобалната кампања насловена “The Next Big Thing Is You” („Следната голема работа си ти“), демонстрирајќи како вештачката интелигенција на уредите Galaxy ги руши бариерите за комуникација ширум светот.
Во новиот спот на кампањата се запознаваме со тинејџер кој ја користи вештачката интелигенција на Samsung Galaxy како преведувач во реално време, овозможувајќи му да се приклучи во разиграните активности на разни националности низ светот.
Рекламата на забавен начин испраќа порака на единство преку технолошки иновации, таргетирајќи ги авантуристичките души кои сакаат да патуваат и да го истражуваат светот. Благодарение на новата технологија, луѓето од целиот свет ќе можат непречено да се разбираат и да се дружат, независно од тоа дали се полиглоти.
Спотот е проследен со песната “Can I Kick It?” од американската рап група A Tribe Called Quest.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција BBH USA.