Досегашните кампањи за Олимписките игри главно третираа теми на заедништво, емпатија и спортски фер-плеј. Но, брендот за спортска опрема Nike се реши за еден сосем поинаков пристап во својата најнова кампања насловена “Winning Isn’t For Everyone” („Победата не е за секого“).
Централниот спот на кампањата се осврнува на оние емоции кои во спортот вообичаено се сметаат за негативни, како себичност, тврдоглавост, лутина и немилосрдност, но според Nike се неопходни за достигнување на самиот спортски врв. Тоа го демонстрираат сцените со некои од најголемите спортски имиња на минатото и на денешницата: Коби Брајант, Кристијано Роналдо, Серена Вилијамс, Леброн Џејмс, Килијан Мбапе, Џанис Антетокунмпо, Винисиус Јуниор, Шакари Ричардсон и многу други.
Визуелниот колаж е проследен со драматичен монолог на актерот Вилијам Дефо, кој поради својот глад за успех си го поставува прашањето: „Дали сум лоша личност?“
„Оваа кампања го слави гласот на спортистот. Тоа е приказна за тоа што е потребно за да се биде најдобар. Го потсетува светот дека нема ништо лошо во тоа да сакаш да победиш“ – посочува генералната маркетинг директорка на Nike, Никол Греам.
Кампањата е создадена во соработка со долгогодишниот креативен партнер на брендот, агенцијата Wieden + Kennedy Portland.