Секоја година, глобалната мрежа на медиумски агенции UM го одбележува Impact Day („Денот на влијанието“), посветен на некоја општествено корисна акција. Овогодинешната тема на Impact Day, насловена „ONE Day, ONE UM, ONE Better World“, беше посветена на афирмација на еднаквоста, одржливоста и благосостојбата.
Кон акцијата се приклучија и UM агенциите во рамки на I&F Mediabrands, кои работат во Југоисточна Европа. Покрај заедничкото дружење на вработените од агенциите на UM, во соработка со компанијата Беко Србија, агенцијата UM Белград донираше клима уреди на организацијата „Детско село“ во Сремска Каменица. Со цел олеснување и обезбедување поудобен престој за децата за време на летните горештини, вработените во UM Белград заедно со нивните колеги од Беко Србија обезбедија три клима уреди.
Бранислава Чагронов, генерална директорка на UM Белград, ја истакна важноста на оваа иницијатива: „Ние сме длабоко посветени да ја поддржиме нашата локална заедница и да постигнеме видливи промени во животот на оние на кои им е потребна помош. Со донирање на клима уреди во Детското село во Сремска Каменица, се надеваме дека веќе внимателно дизајнираните и опремени куќички, каде секоја од нив е организирана за да претставува едно семејство, ќе ги направиме уште попријатни и поудобни, особено во овие топли, летни денови. Оваа иницијатива ги одразува нашите основни вредности на грижа и заедништво, и ние сме благодарни на нашиот партнер, Беко Србија, за нивната поддршка во овој потфат“.
Инаку, „Детско село“ во Сремска Каменица е дел од големото семејство на СОС Детските села и е првиот ваков центар во Источна Европа, отворен во 1975 година. Основани на вредности како одговорност, упорност и пред сè посветеност, СОС Детските села обезбедуваат дом за деца без соодветна родителска грижа, негување на односи на доверба, соработка и безусловно прифаќање.
Колегите од UM Скопје донираа облека, обувки и играчки на најранливите членови на нивната заедница, давајќи им поддршка на оние на кои им е најпотребна. „Солидарноста и поддршката се клучни вредности што ги негуваме во нашата агенција. Горди сме што можеме да придонесеме за подобрување на животот на луѓето во нашата заедница“ – истакна Роза Петровска, директорка на UM Скопје
UM Сараево организираше кампања за подигнување на свеста за спречување на насилството врз жените, привлекувајќи внимание кон овој клучен проблем во нејзината локална заедница. „Голем број немили настани кај нас, но и во соседните земји ни поставуваат обврска да придонесеме во борбата против насилството врз жените. Тоа е проблем кој бара итно внимание и затоа решивме да го направиме тема на овогодинешниот Impact Day“ – изјави Нермина Келиќ, директорка на UM Сараево.
UM Загреб го поддржа селото Бошњаци, во близина на Жупања, погодено од неодамнешните бури, со донирање на производи за основни потреби. Тие организираа и заеднички појадок како гест на солидарност, овозможувајќи меѓусебно поврзување и поддршка. „Покрај сите проблеми на истокот од државата – економски, демографски, социјални… и природата повторно го зеде својот данок и го остави сиромашното славонско село без покриви. Како што обично се случува, кога работите се најтешки, малите луѓе се солидаризираат, без многу помпа, така што и нашата куќа се вклучи и помогна со малку, но од срце, благодарни што можеме да помогнеме затоа што е секако полесно да се даде отколку да се добие“ – истакна Катарина Робели, директорка на UM Загреб.
За разлика од колегите од Белград, Скопје, Сараево и Загреб, кои ги фокусираа своите активности на заштита на околината и поддршка на луѓето, UM Тирана реши да укаже на проблемот со грижата за животните. Тие изградија станици за храна и вода за кучињата скитници, со планови за проширување на акцијата на уште девет дополнителни локации.
Impact Day беше започнат во 2016 година како дел од иницијативата „Подобар свет“ на UM, со цел да ги инспирира вработените да се вклучат во активности кои промовираат грижа и заедништво. Овогодинешниот Impact Day беше одбележан со различни општествено корисни акции на над 3.200 вработени во повеќе од 100 UM агенции кои работат во над 50 земји ширум светот.
За повеќе информации за UM Impact Day и за преглед на глобалните активности, следете ги #UMImpactDay и #UMBetterWorld на социјалните мрежи.