Финализирајќи ја една од највнимателно следените агенциски ревизии на годината, американската мултинационална корпорација за прехрамбени продукти Kellanova (порано позната како Kellogg и производител на Pringles, Cheez-It, Pop-Tarts и други брендови) објави дека го проширува своето партнерство со агенциите од мрежата на Interpublic Group.
Kellanova ја ангажира FCB како водечка креативна и продукциска агенција за глобалните приоритетни брендови на компанијата, додека пак агенцијата MullenLowe ќе го поддржува тимот на одредени интернационални пазари. Кон листата на креативни агенции со кои ќе соработува Kellanova е додадена и The Martin Agency.
Дополнително, комуникациската агенција Weber Shandwick ќе продолжи да ги надгледува односите со јавноста на Kellanova во САД, како и ангажманот на инфлуенсери за приоритетните брендови на компанијата. Агенцијата Momentum ќе биде задолжена за потрошувачки маркетинг и промоции во Северна Америка.
„Оваа одлука е стратешки чекор кон поттикнување на засилена креативна моќ, стратешка конзистентност и капацитети подготвени за иднината во нашиот агенциски екосистем. Се фокусиравме на изборот на амбициозни агенции кои нудат примарно дигитален пристап, високи нивоа на иновации, разнолики ресурси и вештини, оперативна извонредност и креативна моќ потребна за да се поттикне растот на брендовите. Со нетрпение очекуваме да работиме поопширно со агенциските тимови на Interpublic Group за да ја унапредиме културната релевантност во сите наши пазари ширум светот“ – истакнува Шарис Хјуз, виша потпретседателка и генерална директорка за раст во Kellanova.