Американски федерален судија од округот Колумбија (каде се наоѓа главниот град Вашингтон), пресуди дека доминацијата на Google во онлајн пребарувањето претставува кршење на антимонополските закони на САД.
Според одлуката на судот, Google склучувал ексклузивни договори во вредност од милијарди долари за да ја обезбеди својата диминантна позиција како стандарден пребарувач на паметни телефони и веб-прелистувачи, на тој начин задушувајќи ја конкуренцијата од своите ривали. Само во 2021 година, Google платил 26,3 милијарди долари за да ја задржи ваквата монополска позиција.
„По внимателно разгледување и проценка на исказите на сведоците и на доказите, судот дојде до следниот заклучок: Google е монопол и дејствува како таков за да го задржи својот монопол“ – се вели во одлуката на судот.
Поразот за Google беше кулминација на долгогодишната постапка отпочната од американското Министерство за правда и неколку сојузни држави во 2020 година. Ова е прва победа на Министерството за правда по повеќе од две децении во постапка против некоја домашна технолошка компанија поради антимонополски пракитки.
Одлуката може да го трансформира начинот на кој Американците пристапуваат до информациите на интернет и да ја оспори долгогодишната доминација на Google во сферата на интернет пребарувањето.