Претседателот на унгарската телекомуникациска групација 4iG, Гелерт Јазаи, се сретна со македонскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, со цел да ги разгледа можностите за влез на пазарот во Македонија.
Во соопштението до медиумите, 4iG велат дека ќе лансираат мобилни и фиксни услуги во земјата како дел од нивната стратегија за проширување во регионот на Западен Балкан.
„Ние сме желни да придонесеме во македонскиот телекомуникациски сектор и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. За да ја претставиме нашата амбиција да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар, во следните неколку недели ќе започнеме да работиме со владата за да ја формализираме нашата посветеност и дополнително да го детализираме овој однос“ – објаснува претседателот на 4iG, Гелерт Јазаи.
Според вицепремиерот Николоски, 4iG има докажано портфолио на реализирани проекти и потенцијалното лансирање на нивните услуги „ветува значителни придобивки“ – како за граѓаните, така и за операторот.
4iG е вториот најголем оператор во Унгарија и веќе започна да се проширува на телекомуникацискиот пазар во Западен Балкан преку Црна Гора и Албанија, лансирајќи го својот бренд One во тие земји. Унгарскиот оператор неодамна најави и изградба на подморски кабел за податоци со висок капацитет со Телеком Египет за поврзување на Египет и Албанија, кој што исто така може да донесе придобивки за Македонија.