Шведскиот производител на автомобили и други транспортни средства Volvo започна ревизија на своето глобално портфолио за медиумско планирање и закуп, вклучувајќи ги големите пазари на САД и Кина – пренесува адвертајзинг магазинот Campaign.
Претставник на компанијата изјавил дека во 2023 година, нивниот оддел за автомобили „постигнал рекордни резултати во основната оперативна добивка, приходите и глобалната продажба“. Согласно тоа, компанијата смета дека е од суштинско значење периодично да го ревидира својот агенциски модел и агенциските односи со цел да бидат сигурни дека нивниот бизнис е поддржан со „соодветни технологии, агилност и брзина“.
Актуелен глобален партнер на Volvo за медиумско планирање и закуп е агенцијата Mindshare, дел од групацијата на WPP, која прв пат го добила договорот во 1999 година.
Вкупните медиумски инвестиции на Volvo во 2023 година се проценети на околу 448,7 милиони долари на глобално ниво.
Ревизијата се спроведува во соработка со консултантската компанија MediaSense.