Еден од водечките провајдери на телекомуникациски услуги и забава во Југоисточна Европа, United Group, соопшти дека направила значаен чекор напред во консолидацијата на сите DTH (директно до дома) услуги во регионот, односно технолошки услуги кои овозможуваат директен пренос на телевизиски сигнали преку сателит до корисниците.
Eutelsat Group беше избрана за единствен сателитски оператор на United Group во овој процес на консолидација. Транзицијата кон новата генерација DTH платформа, со еден оператор и неговите два сателити на две орбитални позиции, треба да биде завршена до крајот на 2025 година, а консолидацијата ќе вклучува и уникатен STB уред и CAS систем, универзална TVRO приемна сателитска антена и Телепорт за „uplink“ содржина.
Со оваа соработка, United Group ќе ги прошири DTH услугите од следната генерација со публика од 40 милиони луѓе преку операторите Telemach, NOVA, Bulsatcom, VIVACOM, SBB и Total TV во осум земји (Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија, Словенија). Консолидацијата и реорганизацијата на DTH услугите ќе ѝ овозможи на United Group да ги искористи новите стандарди за пренос и технологии за компресија, да го прошири капацитетот за пренос, да поддржува повеќе канали, да го зголеми квалитетот и да овозможи иновативни услуги за ТВ претплатниците.
„Горди сме што го подигнуваме квалитетот на нашата ТВ понуда на ново ниво. Оваа транзиција е од клучно значење за максимизирање на досегот до публиката на нашиот пазар, обезбедување врвна содржина и продолжување со развивање на нашите услуги од следната генерација. Воодушевени сме од партнерството со Eutelsat, кој ни ги нуди најдобрите и најхармонизираните технички решенија кои ги задоволуваат нашите потреби“ – изјави Жељко Батистиќ, потпретседател за технологија на United Group.
„Чест ни е што United Group ја даде својата доверба на Eutelsat за оваа важна стратешка иницијатива, користејќи две од нашите водечки сателитски позиции, 16° Исток и HOTBIRD. Покрај зајакнувањето на долгогодишната соработка со еден од нашите клучни клиенти во регионот, ја демонстрираме континуираната релевантност на сателитите во препознавањето на потребите на нашите радиодифузни клиенти, што потврдува дека Eutelsat е главен оператор во регионот, достигнувајќи 7 од 10 домови со сателитска услуга“ – додава Лоренс Делпи, претседателка на видео деловните единици на Eutelsat Group.
Сателитите HOTBIRD моментално достигнуваат 130 милиони домови низ Европа, вклучувајќи ги речиси сите кабелски мрежи во регионот. Дополнително, сателитот Eutelsat 16A обезбедува преку 600 ТВ канали на различни јазици во повеќе од 25 милиони домови во Централна и Источна Европа.
Со оваа консолидација на DTH, United Group ја потврдува својата посветеност на оперативната ефикасност и еволуцијата на услугите од следната генерација преку идните сателитски способности.