Швајцарскиот бренд на луксузни часовници TAG Heuer се здружи со американската дигитална платформа за часовничарство Hodinkee, претставувајќи го резултатот на нивната трета заедничка соработка во форма на моделот „TAG Heuer Carrera Chronograph Seafarer × Hodinkee“.
Во доцните 1940-ти години, тогашен Heuer започнал да произведува часовници за американскиот бренд на облека Abercrombie & Fitch. Овие часовници, познати како Seafarer, биле наменети за рибари, ловци, морепловци и сите оние кои сакаат да уживаат во природата, со посебен подбројчаник кој дава информации за плимата и осеката. Ваквите часовници се произведувале до 1970-те години.
Сега, во соработка со Hodinkee, брендот го враќа Seafarer во нова модерна, робусна и возбудлива интерпретација.
Основниот дизајн и распоред на елементите е базиран врз моделот Heuer Autavia 2446C, но содржани во модерно Carrera „Glassbox“ куќиште од 42 милиметри. Засводениот сафирен кристал нуди цврстина, трајност и јаснотија – критични фактори кога сте во вода.
Црниот опалински дисплеј е акцентиран со нијанси на небесно и кралско сино во подбројчаниците „Regatta“ и „Tide“. Со оглед на тоа што Carrera е куќиште без класичен прстен, часовникот ја задржува оригиналната естетика со поместување на прстенот внатре во просторот помеѓу дисплејот и кристалот.
Најинтересна карактеристика е секако подбројчаникот „Tide“, кој ротира на секои 29.5 денови во согласност со движењето на месечината, означувајќи ги периодите на плима (означено со сино) и осека (означено со бело) во текот на денот.
Новиот „TAG Heuer Carrera Chronograph Seafarer × Hodinkee“ е изработен во ограничен број на 968 примероци, од кои 125 ќе се продаваат преку онлајн продавницата на Hodinkee, а останатите 843 парчиња ќе се продаваат преку мрежата на продавници на TAG Heuer. Основната цена на часовникот изнесува 7,950 американски долари.
Официјални застапници за производите на TAG Heuer во Македонија се „Божиновски часовници и накит“.