Со оглед на големата медиумска покриеност на Олимписките игри и вниманието кое тие го предизвикуваат кај јавноста, несомнено е дека истите претставуваат особено драгоцена можност за промоција на брендовите. Се разбира, брендовите кои се тесно поврзани со спортот треба особено да се заинтересирани за ваквата можност, но оваа година видовме и неколку неочекувани моменти.
Па така, за прв пат во историјата на Олимписките игри, тие добија пивски спонзор. Меѓународниот олимписки комитет и водечкиот светски производител на пиво AB InBev склучија глобален спонзорски договор до 2028 година, согласно кој безалкохолното пиво Corona Cero стана еден од главните спонзори на Олимписките игри за изданијата во 2024, 2026 и 2028 година.
Меѓутоа, исто така ќе Ве изненади информацијата за тоа кој беше најголемиот спонзор на овогодинешната Олимпијада во Париз. Се работи за францускиот гигант за луксузни производи LVMH, кој платил неверојатни 175 милиони долари за да биде главен спонзор на неодамна завршените Олимписки игри.
Сепак, компанијата за возврат добила повеќе од кој било друг спонзор до сега. LVMH за Олимпијадата ги дизајнираше медалите, кутиите за медали и парадните униформи. За време на отворањето на Игрите по текот на реката Сена, компанијата дури имаше и сопствен брод кој превезуваше разни лускузни стоки од брендот Louis Vuitton.
Конгломератот LVMH контролира околу 60 подружници кои управуваат со 75 луксузни брендови, вклучувајќи ги Louis Vuitton, Moët, Hennessy, Tiffany, Dior, TAG Heuer, Bulgari и многу други. Компанијата има над 6.000 продавници ширум светот, а за неа работаат над 200.000 луѓе. Во 2023 година, LVMH забележала приход од 86.15 милијарди долари. Сопственикот и извршен директор на компанијата, Бернард Арно, се смета за еден од најбогатите луѓе во светот.