Во пресрет на Параолимписките игри во Париз (28 август – 8 септември), Хрватскиот параолимписки комитет во соработка со креативната агенција McCann Zagreb објави нова имиџ кампања.
За прв пат, имиџ кампањата на хрватските параолимпијци целосно ја изоставува нивната попреченост и става акцент на нивната сила и моќ, претставувајќи ги Иван Микулиќ, Паула Новина, Матија Слоуп, Ангела Музиниќ Винцетиќ и Иван Катанушиќ како херои од видеоигрите чии што „супермоќи“ се решителноста, истрајноста, позитивноста, храброста и издржливоста.
„Во McCann бевме исклучително почестени да работиме на проект за поддршка на хрватските параолимпијци и секогаш ни е мило кога можеме да ги понудиме нашите креативни идеи за да испратиме убави и важни пораки до општеството. По средбата со Хрватскиот параолимписки комитет и првото интерно истражување, ни беше јасно дека не сакаме да одиме во насока на предизвикување чувства на жалење и сочувство за параолимпијците“ – изјави Горанка Мијиќ, член на креативниот тим на агенцијата McCann Zagreb.
„Ова беше на креативен план многу предизвикувачки проект за нас бидејќи сакавме да ги претставиме параолимпијците како врвни спортисти, а не да го користиме фактот дека тие имаат дополнителни пречки во нивниот живот како главен мотив. Сè си дојде на свое место кога дојдовме до заклучокот дека „игрите“ се недостижни за повеќето луѓе и дека за параолимпијците се поставени на уште потешко ниво отколку за другите спортисти. Тука беше донесена одлуката параолимпијците да се прикажат како херои од видеоигрите и да се величат нивните успеси на визуелен и комуникациски интересен начин” – додава Вања Луетиќ, креативен директор на McCann Zagreb.
За овој проект McCann ги здружи своите најдобри креативци кои работејќи на кампањата сфатија колку е важна силата на духот и колку е важно понекогаш да се победиш сам себе во секој сегмент од животот. Реализацијата на кампањата немаше да биде возможна без поддршката на партнерите: продукциската куќа Komakino и режисерката Рената Лучиќ, студиото Poster, фотографката Фрања Матковиќ и сите други кои го ставија своето време и знаење на располагање за реализација на оваа кампања.
„Луѓето често не се свесни за огромната креативност на лицата со инвалидитет. Кога зборуваме за параолимпијци, тие не велат „Не можам да го направам тоа!“ Наместо тоа, тие се фокусирани на тоа како да ги надминат пречките и да се концентрираат на нивните способности, а не на нивниот хендикеп. Среќен сум што со оваа кампања пред Игрите во Париз, можеме да се фокусираме исклучиво на „супермоќите“ на нашите параолимпијци“ – истакнува Ратко Ковачиќ, претседател на Хрватскиот параолимписки комитет.
Погледнете го централниот спот на кампањата во продолжение: