Во хотелот „Hills“ во Сараево се одржа церемонијата на доделување на наградите „Срцето на Сараево“ за ТВ серии на 30. Сараевски филмски фестивал. Наградите беа доделени во две категории: за драмски серии и за комедии.
„Знам како дишиш“ на креаторите Јасмила Жбаниќ и Дамир Ибрахимовиќ освои седум награди во категоријата драмски серии: за најдобра драмска серија, за најдобра главна женска улога (Јасна Ѓурчиќ), за епизодна актерка (Јелена Кордиќ Курет), епизоден актер (Мирвад Куриќ), ѕвезда во подем (Лазар Драгојевиќ), сценарио (Јасмила Жбаниќ и Елма Татарагиќ) и режија (Нермин Хамзагиќ).
Наградата за најдобар главен актер постхумно му припадна на Жарко Лаушевиќ (1960 – 2023), за улогата на Живојин Мишиќ во серијата „Време на смртта“.
„Срцето на Сараево“ за најдобра комедија го освои серијата „Принцот од Елеја“, создадена од Елма Татарагиќ, Душан Враниќ, Енес Златар и Амра Бакшиќ Чамо. Оваа серија ги освои наградите во категоријата „Комедија“ за најдобра машка главна улога (Ален Муратовиќ) и за сценарио (Елма Татарагиќ, Душан Враниќ, Енес Златар).
„Радио Милева“, серијата создадена од Небојша Гариќ, освои три награди во категоријата Комедија – за најдобра главна актерка (Олга Одановиќ), ѕвезда во подем (Крис Гавриќ) и режисер (Елмир Јукиќ).
За наградите „Срцето на Сараево“ за ТВ серии на 30. Сараевски филмски фестивал гласаше професионално жири составено од повеќе од 500 филмски професионалци од регионот, а оваа година беа номинирани осум серии во 14 категории. Право на пријавување имаа драмски серии и комедии од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија, премиерно емитувани во периодот од 1 април 2023 до 30 април 2024 година.
На наградната церемонија за ТВ серии беа доделени и „Почесните Срца на Сараево“ на Кристоф Папушек и Филип Бобер. Признанијата им ги додели претседателот на Сараевскиот филмски фестивал, Мирсад Пуриватра.
Медиумски партнер на наградите „Срце на Сараево“ за ТВ серии е филмскиот магазин Deadline.
Наградната гала вечера беше реализирана во соработка со Сараевскиот филмски фестивал и хрватското издание на реномираниот меѓународен гастрономски водич „Gault&Millau“.
Туристичкиот одбор на Кварнер со поврзаниот остров Лошињ и „Lošinj Hotels@Villas“ беше партнер на оваа ексклузивна вечера. Кварнер е регион со богата историја на крстосницата на културите и цивилизациите и со уште побогато гастрономско наследство кое постојано се надоградува, негува автохтоност и развива квалитет, поради што со причина ја освои титулата Европски гастрономски регион за 2026 година.
Вечерата за 160 гости ја подготвија двајца врвни готвачи од два врвни ресторани од Кварнер: Мајкл Голенц (трофеј за голем готвач на иднината Gault&Millau Croatia 2022) – готвач на ресторанот „Alfred Keller“ во луксузниот „Бутик Хотел Алхамбра“ во Мали Лошињ, и Дени Срдоќ (трофеј за млад талент Gault&Millau Croatia 2018) – сопственик на ресторанот „Nebo“ и „Hidden Wine Bistro“ во Ријека. Нивните месни и вегетаријански деликатеси беа придружени со вина од винаријата „Saints Hills“.
Покрај тоа што гостите на вечерата имаа можност да го вкусат Кварнер, мал дел од неговата убавина видоа и во светската премиера на спотот за песната „Secret Garden“, снимен од познатиот виолончелист Стјепан Хаузер на фасцинантни локации во Лошињ, островот на виталноста.