Вечерва, петок (23.08.2024), во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје од 17.00 до 22.00 часот ќе се одржи петтиот саем и работилница за изработка на колажи на независната мрежа „ФИЈУК“.
„ФИЈУК“ е меѓународна и самоодржлива иницијатива чија мисија е да поттикнува нова графичка и дизајнерска продукција на книги, постери, графики, фотографии, принтови, копии и цртежи и да ја зголемува видливоста и побарувачката на локаните независни уметници и издавачи. Петтиот саем на „ФИЈУК“ во Македонија ќе ја презентира продукцијата на рекорден број од над 30 излагачи кои ќе ги претстават своите уметнички дела пред македонската публика. Изложбата е продажна.
Како дел од визуелната програма на саемот, ќе биде отворена изложбата „Ненаситни“, која по промоцијата во Белград (Србија), премиерно се поставува во Скопје. Изложбата „Ненаситни“ е составена од над 30 уметнички колажи кои се резултат на ентузијастично сецкање и лепење на безброј постери собрани на улиците во Скопје, Виена, Братислава и многу други локации на Балканот и Европа. По Скопје, оваа уникатна изложба ќе се претстави и пред публиката во Загреб (Хрватска), како дел од Охохо Фестивал. На настанот во НУБ ќе биде промовирана и арт книгата во сито печат „Ненаситни“.
Саемот и изложбата ќе бидат збогатени со винил-сет на Владимир Муратовски – Диво и музички колаж на Јоана и Стражарот.
„ФИЈУК“ е независна меѓународна мрежа иницирана од Колективот Матријаршија од Белград во 2015 година, која потоа успешно се шири земјите на Балканот и на Скандинавија.
Настанот во Скопје е во организација на Партизанска Штампа, Арт Еквилибриум, Гола Планина Колектив, со поддршка од НУБ „Св. Климент Охридски“.
Повеќе информации на следниот линк.