Американската компанија за маркетинг услуги Omnicom го соопшти формирањето на Omnicom Advertising Group (OAG), нова глобална организација која ги консолидира креативните агенциски мрежи BBDO, DDB, TBWA, како и повеќе креативни агенции во рамки на Advertising Collective, вклучувајќи ги Goodby Silverstein & Partners, GSD&M, Merkley & Partners и Zimmerman, под едно корпоративно раководство.
Новата Omnicom Advertising Group ќе биде предводена од Трој Руханен како глобален генерален извршен директор, Дипти Пракаш ќе биде генерална оперативна директорка, додека пак Денис Страјф ќе ја извршува функцијата глобален генерален финансиски директор.
Консолидирањето на овие агенциски брендови под едно раководство треба да ги задоволи потребите на клиентите за моќни креативни решенија. Секоја агенција ќе го задржи својот уникатен бренд, култура и луѓе, притоа капитализирајќи ги споделените и зголемени инвестиции на OAG во иновативни алатки, технологии, специјализирани услуги и платформи за вештачка интелигенција. Оваа темелна структура ќе ја подобри способноста на агенциите да испорачуваат креативност од светска класа и да го забрзаат деловниот раст, како и да овозможат поголеми можности за личен и професионален раст за нивните таленти.
Агенциските мрежи во рамките на OAG ќе известуваат до Руханен и ќе бидат предводени од:
- Ненси Рејес, која неодамна беше промовирана во глобален извршен директор на BBDO
- Алекс Лубар, глобален извршен директор на DDB
- Ерин Рајли, која е унапредена во извршен директор на TBWA\Worldwide
- Џејмс Фентон, извршен директор на Advertising Collective.
„OAG ќе ги направи најдобрите уште подобри. Еден од највозбудливите аспекти на оваа нова поделба е тоа што можеме колективно да инвестираме во иновативни понуди – како што се неодамнешните партнерства на Omnicom во сферата на генеративната вештачка интелигенција“ – посочува Трој Руханен, додавајќи: „Ова ќе ја подигне нашата креативност од светска класа на следното ниво и ќе ги задржи нашите клиенти на врвот на нивните индустрии. Додека сме возбудени да растеме заедно, ќе продолжиме да ја славиме и штитиме уникатноста на културата и претприемништвото на секоја поединечна агенција“.
Со текот на годините, Omnicom успешно го организираше своето портфолио со категоризација на своите агенции во маркетинг дисциплини за да ја зајакне длабочината на своите услуги и да ја подобри соработката низ групацијата. Ова го вклучува формирањето на практични професионални групи како што се Omnicom Media Group (OMG), Omnicom Health Group (OHG), Omnicom Precision Marketing Group (OPMG) и Omnicom Public Relations Group (OPRG). Секоја група сега има придобивки од големите инвестиции и експериментацијата во услови на забрзана трансформација во светот на маркетингот.
„Клиентите сакаат најдобри таленти во својата класа, иновации и беспрекорна испорака на креативни услуги низ целиот свет. OAG ќе го исполни тоа ветување, истовремено дозволувајќи им на нашите агенциски култури да останат силни и да се развиваат преку заеднички инвестиции и најдобри практики. Со Трој Руханен на чело на оваа нова структура, уверен сум дека нашите креативни агенции и сите наши неверојатно талентирани умови ќе продолжат да ги поставуваат стандардите во индустријата“ – истакнува Џон Врен, претседател и извршен директор на Omnicom.
Постоечките клиенти ќе продолжат да бидат опслужени од агенцијата и тимовите со кои во моментов работат, сега со зголемените можности на пошироката групација. Промените ќе стапат на сила од 1 јануари 2025 година.