Проширувањето кон азискиот континент е во насока на главните стратешки определби на компанијата, како и нагласената извозна ориентација и глобализација на брендот „Алкалоид“
Делегација на Амбасадата на Казахстан во Скопје, предводена од Амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е. Сатибалди Буршаков, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.
Во воведното обраќање од официјалниот дел на средбата, Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, ги претстави компанијата, нејзината основна дејност, производствените капацитети и програма, остварените перформанси и резултати од работењето, како и реализираните капитални инвестиции низ годините, а посебно се осврна на континуираните вложувања во заедницата преку големиот број остварени проекти во делот на општествената одговорност и заштитата на животната средина.
Главниот фокус на средбата беше врз деловните соработки и дејствувањето на „Алкалоид“ во Казахстан, каде компанијата неодамна регистрираше ново капитално поврзано друштво, „Алкалоид Казахстан“ ДОО, што е прва подружница на компанијата во Азија. Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува близу 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија. Портфолиото на „Алкалоид“ во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26. капитално поврзано друштво на „Алкалоид“ по ред. Проширувањето кон азискиот континент е во насока на главните стратешки определби на компанијата, како и нагласената извозна ориентација и глобализација на брендот „Алкалоид“.
При обиколката на производствените капацитети од сегментот фармација, како и на Институтот за истражување и развој, членовите на делегацијата имаа можност да се запознаат со високото ниво на технолошка опременост, подготвеност и стручност на обучениот кадар кој управува со процесите, како и со најсовремената опрема и со модерните услови за работа во „Алкалоид“.