Американскиот бренд на пиво Bud Light лансираше нова рекламна кампања насловена „The Dean’s Office“ („Канцеларијата на Деканот“), со цел да го подобри своето позиционирање меѓу американските студенти и спортски фанови. Главниот лик во новата кампања го толкува стенд-ап комичарот Шејн Гилис, кој од почетокот на годинава е нов амбасадор на брендот.
Дејството, како што кажува и самиот наслов, се случува во канцеларијата на Деканот, каде еден студент е обвинет дека ја плагирал својата магистерска теза. Доколку го признае обвинението, студентот ќе добие кофа ладни пива од Bud Light и половина од годината нема да смее да игра во факултетската лига во американски фудбал. Ако, пак, одбие да признае, но делото сепак се докаже, тој нема да ја игра целата сезона.
Соочен со загубата на еден од своите играчи, тренерот Гилис се одлучува да го „разбие“ мразот и дава свое непријатно признание, по што зема едно од пивата. Неговата акција предизвикува верижна реакција помеѓу наставничкиот колегиум, сè до последното шише ладно пиво кое нестрипливо го зема Деканот, кој пак не може да прекине со откривањето на лични тајни. Ситуацијата целосно се опушта, нема повеќе пива, а обвинетиот студент си оди без никакви реперкусии.
„Фановите на факултетскиот фудбал се едни од најстрасните, најпосветените навивачи кои постојат и ние сме многу горди што соработуваме со тимовите ширум земјата за да го олесниме уживањето во некои од најспецијалните моменти на играта. И самиот како страствен навивач на факултетскиот фудбал, Гилис беше совршен партнер за поврзување на нашата факултетска фудбалска публика со неговиот посебен стил на хумор. И воопшто не боли што тој самиот сака да отвори по едно или две шишиња Bud Light на денот на натпреварите“ – посочува Тод Ален, виш потпретседател за маркетинг во Bud Light.
„Сакам фудбал и пиво, особено Bud Light. Беше забавно да се работи со МекКивер и Стив на ова“ – кратко и во свој стил истакнува Гилис, укажувајќи на своите соработници Џон МекКивер и Стив Гербен кои учествуваа во реализацијата на рекламата.