Социјалната платформа Х (претходно позната како Твитер), го соопшти назначувањето на искусната Ангела Зепеда како нова глобална маркетинг директорка – прва на таа позиција откако компанијата беше купена од страна на Елон Маск.
Запеда во изминатите пет години ја извршуваше функцијата на генерална маркетинг и креативна директорка во автомобилскиот бренд Hyundai, а претходно работела во повеќе американски огласувачки агенции, вклучувајќи ги Innocean USA, Quigley-Simpson и Lowe Campbell Ewald.
„Со задоволство ѝ посакувам добредојде на Ангела Зепеда во X како наш нов глобален директор за маркетинг. X е најзначајната платформа во светот, па затоа беше од суштинско значење да ангажираме исклучителен лидер како Ангела за дополнително да ја обликуваме нашата трансформација“ – напиша Линда Јакарино, генерална извршна директорка на Х.
„Ангела носи неверојатно искуство и експертиза, разбира како да развие бренд на глобално ниво и претставува вистинската личност да го води маркетингот на X додека ја забрзуваме нашата иновација. Со нетрпение ја очекуваме целата одлична работа што доаѓа!“ – додаде Јакарино.