Компјутерите, конзолите за игри, првите мобилни телефони, па дури и некои производи на Apple веќе стануваат дел од историјата, резервирајќи го своето место во музејските поставки. Токму таквиот увид ги натерало креативците од агенцијата Digital Da Vincis од Љубљана и претставниците на Музејот на компјутерската историја PEEK&POKE во Риека да го реализираат проектот “ALTERNATE RE[AI]LITY”.
Тие си го поставиле прашањето: „Како би изгледала историјата на компјутерите ако ја презамислиме преку естетиката на раните историски фотографии и неми филмови?“ Поаѓајќи од таквата премиса и со помош на новата технологија на генеративна вештачка интелигенција, создале виртуелно искуство на патување низ времето до „алтернативна реалност“.
PEEK&POKE е музеј во Риека, Хрватска, основан во 2007 година. Музејот им овозможува на посетителите уникатно искуство – едукација на помладите за историјата на компјутерската технологија, а на постарите генерации им дава шанса да се вратат во своето детство. Овде можете да ги видите и допрете раните компјутери, да го испробате иконскиот Apple Macintosh, да ги истражите првите гејмерски конзоли, па дури и да играте ретро игри на аркадни машини.
Користејќи ја богатата музејска поставка на два спрата како инспирација, Digital Da Vincis создале виртуелен „Алманах на компјутерската историја“ кој ги прикажува технолошките настани од 1890 година наваму како видео-дневник во стил на нем филм. Серијата видеа се заснова на вистински експонати и едукативни материјали изложени во музејот.
Повеќе информации за проектот можете да најдете на официјалната веб-страница ТУКА, а целосниот серијал на видеа може да се погледне на следниот ЛИНК.
Погледнете ја и нивната видео презентација на проектот во продолжение: