Британската маркетинг групација WPP соопшти дека се стекнала со New Commercial Arts (NCA), водечка независна агенција за креативни и потрошувачки искуства. NCA ќе биде приклучена на глобалната креативна мрежа на Ogilvy за дополнително да го засили моментумот на раст што агенцијата го има на пазарот на Обединетото Кралство.
Агенцијата NCA е основана во 2020 година од искусен тим кој ги вклучува индустриските лидери Џејмс Марфи и Дејвид Голдинг и стана една од најбрзо растечките агенции во Обединетото Кралство во 2023 година. Од своето основање, NCA соработува со голем број локални и глобални клиенти, вклучувајќи ги Sainsbury’s, MoneySuperMarket, Vodafone Nando’s, Paramount+, Alzheimer’s Society и Cityfibre. Марфи и Голдинг претходно ја основаа Adam&Eve во 2008 година и ја изградија во една од највлијателните агенции од Обединетото Кралство, со успех на меѓународната сцена.
NCA во моментов вработува околу 90 луѓе и моментално има канцеларии во Лондон и Глазгов. По интеграцијата на NCA во Ogilvy UK, Џејмс Марфи ќе ја предводи Ogilvy Group UK во функција на генерален извршен директор. Ваквиот развој на ситуацијата означува враќање на Марфи во Ogilvy, каде ја започнал својата кариера како дипломиран приправник во агенцијата.
Фиона Гордон, која како извршна директорка од 2021 година ја водеше Ogilvy UK, ќе биде унапредена во глобална извршна директорка за огласување во Ogilvy. Во оваа нова улога, Гордон ќе известува за својата работа директно до глобалната генерална извршна директорка на Ogilvy, Девика Булчандани, тесно соработувајќи со глобалната креативна директорка Лиз Тејлор и Светскиот креативен совет на Ogilvy.
Извршниот директор на групацијата WPP, Марк Рид, истакнува: „NCA е една од највозбудливите нови агенции во Обединетото Кралство со одличен тим, импресивен список на клиенти и рекорд во издигнувањето на сакани британски брендови. Нејзините способности и база на клиенти ја прават NCA високо комплементарна со Ogilvy. Обединувањето на овие две многу успешни агенции ќе поттикне раст и за нашите клиенти и за нашиот сопствен бизнис во Обединетото Кралство.“