Надоврзувајќи се на обновената популарност со минатогодишниот филмски хит, американскиот производител на играчки Mattel лансираше нова кампања за брендот на кукли Barbie. Кампањата насловена “Give Limitless Possibilities” („Дајте неограничени можности“) е насочена кон родителите, укажувајќи им дека креативната игра е клучна во развојот на децата.
Маркетинг тимот на супербрендот се надева дека кампањата ќе му даде ново значење на слоганот “You Can Be Anything” („Можеш да бидеш било што“). Исто како што Барби може да биде сè, од пилот до претседател, така играта им отвора можности на децата да се запознаат со разни професии, да негуваат различни интереси и да ги развиваат своите лични квалитети – од самоизразување до емпатија.
Се работи за кампања која навистина им зборува на родителите за тоа што сакаат за своите деца, на прилично универзален начин. Кој не сака на своите деца да им овозможи најдобар живот?
„Барби отсекогаш била многу повеќе од обична кукла. Таа претставува бесконечни можности, подарок што безброј родители и возрасни сакаат да им го дадат на децата во нивните животи. Нашата нова кампања “Дајте неограничени можности” е искрено сведоштво за соништата што ги имаме за нашите најблиски“ – вели Криста Бергер, виша потпретседателка на брендот Barbie и глобална директорка на одделот за кукли во Mattel.