Канадската банка Toronto-Dominion Bank реализираше иновативна билборд кампања, чија порака во целост можат да ја прочитаат само оние со бојно слепило т.е. далтонизам.
За оние со стандарден вид, билбордите на прв поглед можат да изгледаат како празни зелени површини. Меѓутоа, истите се составени од зелени и црвени точки кои имаат суштинско значење во испишувањето на нивната скриена порака, видлива само за далтонисти: „Ако можете да го видите ова, тоа е затоа што ние ве гледаме вас“.
Кампањата промовира екстензија за интернет прелистувачот Google Chrome, наречена TD Accessibility Adapter, која го олеснува сурфањето на интернет за лицата со попречености во видот (овозможувајќи адаптација на фонтови, боја, употреба на помошници за читање и слично).
Алатката била оригинално создадена за внатрешна употреба во компанијата, но по нејзиниот успех – банката решила да ја сподели со пошироката јавност.
Кампањата е осмислена и реализирана во соработка со креативната агенција Ogilvy Canada.