Јапонскиот производител на автомобили Mazda лансираше нова кампања за северноамериканскиот пазар, насловена “Move and Be Moved” (“Движете се и бидете придвижени”), која според компанијата се обидува да ја поврзе „радоста на возењето со радоста на живеењето“.
При развојот на новата кампања, маркетинг тимот на Mazda се фокусирал на две фрази од традиционалната јапонска филозофија, и тоа: „џинба итаи“ („коњ и јавач како едно“) и „омотенаши“ („твојата среќа е моја среќа“). Термините долго време биле дел од лексиконот на компанијата, меѓутоа двата концепти добија особено клучно значење во развојот на новата бренд стратегија.
Целта на компанијата, според генералниот маркетинг директор Бред Одет, е истакнување во конкурентен пазар каде автомобилите во голема мера стануваат комодизирани.
„Сите [други производители] имаат одлична безбедност, сите имаат добри карактеристики, добра изработка, добри перформанси. Нашата причина за постоење, наназад до самото основање на компанијата, навистина се сведува на тоа како ние придонесуваме кон општеството, и уште поважно – како придонесуваме во корист на луѓето” – посочува Одет.
Во првиот видеоспот од новата кампања – насловен “Choose to Be Moved” („Изберете да бидете придвижени“), а создаден во соработка со креативната агенција VML – е ставен подеднаков акцент на човековите достигнувања колку и на способностите на самиот автомобил.
Во рекламата се појавуваат кошаркарката Ника Мил, биологот и професионален сурфер Клиф Капоно, како и автомобилскиот тркач Хелио Меза, прикажувајќи ги како безрезервно се посветуваат на нивните професионални страсти. „Ние изработуваме автомобили за оние кои избираат да прават повеќе од едноставно движење“ – е пораката која Mazda ја испраќа до гледачите.