Под наслов „Winning isn’t Comfortable“ („Победата не е удобна“), американскиот бренд на спортска опрема Nike објави серијал на кратки видеоспотови кои ги илустрираат секојдневните тешкотии и фрустрации со кои се соочуваат тркачите, но сепак ги надминуваат благодарение на нивната силна волја и истрајност.
Како продолжение на бренд платформата “Winning isn’t for Everyone” („Победата не е за секого“), лансирана пред Олимписките игри во Париз, новиот видео серијал прави контраст помеѓу ненаспаноста, болката, ранливоста и изложеноста на надворешните елементи, од една страна, и непоколебливата волја на спортистите од друга страна – симболизирано преку радосната и енергична музика која ги следи низ сите предизвици.
„Спотовите нудат перспектива за тоа колку е всушност тешко само да излезете од вратата и да трчате. Ако не го мразите трчањето барем малку, тогаш не го сакате трчањето доволно. Кампањата ја слави потребата и способноста да се надмине сопствената комфортна зона, како начин да дознаете што навистина можете да постигнете. Вистинската победа честопати бара „туркање“ низ непријатните моменти“ – се истакнува во описот на кампањата.
Серијалот е создаден во соработка со креативната агенција Wieden+Kennedy Portland.