Кога помислувам на старт-ап сцена и настани поврзани со развојот на старт-ап заедницатта во Македонија, првото име кое ми доаѓа на ум е Евица Пиперевска.
Со Ева за прв пат имав задоволство да се запознаам пред неколку години кога ме покани да учествувам на еден настан кој таа и нејзиниот тим од SocialNet го организираа а подоцна бев и нејзин гостин-предавач на првата Google конференција во Македонија која ја организираше токму Ева. И во меѓувреме Ева активно продолжи со своите ангажмани на полето на развој на старт-ап сцената во Македонија, па кога посакав да дознам што ново се случува таму, некако најлогично ми беше да поразговарам токму со неа.
M365: Како го гледаш развојот на старт-ап заедницата во Македонија во изминативе неколку години?
Ева Пиперевска : Не можам да направам разлика меѓу македонската стартап заедница пред 2-3 години и таа денес, но можат да кажам каква беше пред 8-9 месеци кога јас влегов на некој начин во неа. Во последните месеци заедница станува се по обединета и мислам дека тоа се должи на различните стартап иницијативи – настани, митапи и мини едукации кои ги собираат стартапите и оние кои сакаат да започнат свој бизнис на едно место и им даваат можност да се едуциираат, да се запознаат и да соработуваат. Е сега за жал во последните неколку месеци во заедницата се појавуваат и неколку фракции кои и ја разделуваат на некој начин, но заедницата е млада и мислам тоа со тек на време ќе се исчисти и ќе се исфилтрира.
M365: Кои клучни работи треба да ги размисли секој тим пред да започне со свој старт ап во Македонија?
Ева Пиперевска : Јас во последните неколку месеци научив многу за стартаите и за тоа што е важно кога создаваш свој бизнис. Едно нешто е тоа што нема вистинска формула за создавање на еден стартап. Претприемачите треба да обрнат внимание на нивната идеја за бизнис (да ја тестираат и да видат дали таа навистина ќе може да се претвори во вистински бизнис), да ги изберат правилните луѓе со кои ќе работат (затоа што започнувањето на бизнис со некој е како влегување во брак со тој човек) и многу е важно тие луѓе да го делат истиот ентузијазам за развојот на фирмата како и самиот претприемач, да се направи реален и добар бизнис модел врз таа идеја која ќе решава реален проблем, да се измисли точниот начин на реализација на таа идеја и се разбира да се најде инвеститор или потенцијален начин на финансирање на тој стартап.
M365: Кои извори за финансирање (домашни и странски) им се достапни на македонските стартапи ?
Ева Пиперевска : Освен стартдардните начини на финансирање кои се достапни за сите стартапи ширум светот како на пример – Bootstrapping, FFF – friends, family and fools и финансирање од друг сопствен бизнис, постојат и организации – фондови, акселератори, ангели инвеститори и venture capital фондови кои ги финансираат стартапите во различни фази на нивниот развој и за сметка на тоа добиваат процент од компанијата во зависност од големината на инвестицијата. Многу акселераторски програми освен што инвестираат во компаниите со пари некои од нив исто така даваат можност за развој на компанијата преку едукации, консултации и достап до контакти со лица кои на младите претприемачи лесно и брзо ќе им помогнат да го развијат својот бизнис.
Во Македонија постојат три акселератори Superfounders, New Mans Business Accelerator и Darma Accelerator, еден бизнис инкубатор Yes incubator, еден државен Фонд за иновации и технолошки развој и еден стански инвестициски фонд од Словенија кој во Македонија официјано ќе влезе од Септември оваа година – RSG Capital.
Освен тоа на македонските стартапи им се достапни и фондовите и акселераторите и во регионот како на пример бугарските акселератори LaucHub и Eleven кои веќе имаат инвестирано во македонски стартапи, HubRaum Krakow, Rockstart Холандија во чија акселераторска програма веќе работи еден македонски стартап, SeedCamp и многу други.
M365: Каква е start-up сцената во регионот? Која земја предничи во поддршката и како го прави тоа?
Ева Пиперевска : За регионот интересно е да се каже дека секоја балканска држава има свој специфичен стартап екосистем, кој се разликува на еден или на друг начин од екосистемот на другите држави. Ако треба да потенцирам, хрватскиот, словенечкиот и бугарскиот стартап екосистем се најразвиени во регионот можеби највеќе поради фактот дека се членки на ЕУ од каде добиваат и дополнително финансирање и многу други можности за развој на стартап сцената. Романија исто така е држава која има огромен потенцијат кога станува збор за стартапи, додека пак од државите на Балканот кои не се членки на ЕУ, тешко дека можам да издвојам една која се издигнува пред другите по квалитет и развој .
Не мислам дека има држава која повеќе или помалку ја поддржува македонската стартап заедница. Секоја од нив си го развива својот екосистем и соработката со Македонија ја гледаат како дел од тој развој а не како помош за развивање на македонскиот екосистем. Се разбира пак тука ќе ги издвојам Бугарија, Хрватска и Словенија кои покажуваат некаков вид на поддршка преку нивните акселераторски програми и инветициски фондови.
M365: Кои наредни настани можеме да ги очекуваме поврзани со стимулирање на претприемачкиот дух и старт-ап заедницата?
Ева Пиперевска : Оваа пролет беше полна со настани кои ја поддржуваа стартап заедницата, но сега доаѓа лето и нормално сите сакаат да одморат. До крајот на мај ние како организатори го планираме Google I/O – настан кој овозможува стиминг во живо на Google I/O конференцијата во Сан Франсицко и кој во Скопје ќе се одржи на 28-29ти Мај во просториите на македонкиот стартап Г6. Се разбира тука е Silicon Drinkabout – “afterwork” настан за стартапи и стартап ентузијасти кој се одржува секој петок на различна локација во Скопје и без разлика на летниот период кој донекаде го празни Скопје, ние ќе продолжиме да го организираме секој петок и да се дружиме со стартап заедницата.