Француската маркетинг групација Publicis Groupe ја соопшти аквизицијата на Mars United Commerce, најголемата независна компанија за трговски маркетинг („commerce marketing“) во светот. Со преку 1.000 вработени и канцеларии во 14 градови ширум светот, Mars им помага на маркетерите да ги издигнат своите производи во приоритетен избор меѓу потрошувачите во онлајн и офлајн пазарните екосиситеми.
Основана пред 50 години, Mars е позната по својата историја на иновации, длабоко разбирање на потрошувачкиот менталитет, суштински увиди во трговските практики и негувањето на обемна мрежа на односи со малопродажните трговци. Под водство на нејзиниот извршен директор Роб Ривенбург, комерцијалната технологија и решенија на Марс дополнително ќе ги зголемат и надополнуваат постоечките трговски способности на Publicis.
Позитивниот исход во сферата на малопродажната трговија, преку промени во однесувањето на потрошувачите за да се поттикнат деловните резултати, сè повеќе прераснува во суштински елемент на победничките маркетинг стратегии. Но, успехот во трговијата станува сè покомплексен, бидејќи брендовите мора да навигираат низ фрагментиран екосистем на канали, медиуми, технологии и податоци. Новото партнерство на Mars и Publicis Groupe ќе се справува со оваа сложеност преку развојот на водечки решенија за „поврзана трговија“, овозможувајќи им на клиентите да планираат и имплементираат активности низ целосната „маркетинг инка“ со цел зголемување на продажбите во самата „точка на купување“.
Роб Ривенбург, глобалниот извршен директор на Mars United, изјави: „Приклучувањето кон Publicis Groupe ќе ни помогне побрзо и поцелосно да ја реализираме својата визија да бидеме водечката глобална трговска компанија. Возбудени сме што ја имаме поддршката од Publicis за да им донесеме нови можности на нашите постоечки клиенти, а исто така да ги споделиме нашите поврзани комерцијални решенија со нови клиенти ширум светот. Со нетрпение очекуваме да го напишеме следното поглавје на трговијата заедно“.
Артур Садун, генералниот извршен директор на Publicis Groupe, рече: „Среќни сме што им посакуваме добредојде на Роб и неговите неверојатни тимови на Mars во Publicis Groupe. Нивниот иновативен дух и трговски платформи дополнително ќе ги поврзат и надополнат нашите постоечки пазарни способности, испорачувајќи водечки трговски решенија, од почеток до крај, за нашите клиенти – онлајн и офлајн. Со аквизицијата на Influential ова лето, а сега и на Mars, Publicis е уникатно позициониран да им помогне на нашите клиенти подобро да ги разберат постоечките потрошувачи и идните потенцијални клиенти, и да го поврзат тоа знаење на индивидуално ниво со новите медиумски канали кои покажуваат најдобри резултати за нивниот бизнис: поврзана телевизија, трговија и креатори на содржини. Сето ова, во сопствените екосистеми на клиентите, им нуди контрола врз нивните односи со клиентите и транспарентност во нивните инвестиции и резултати“.