Германската мултинационална компанија за хемиски производи и производи за широка потрошувачка Henkel ја комплетираше ревизијата на својот договор за медиумско планирање и закуп на европскиот пазар, започната пред неколку месеци – пренесува адвертајзинг магазинот Campaign.
Компанијата одлучи да ја прошири својата соработка со мрежата на медиски агенции GroupM, дел од британската маркетинг групација WPP. Посочената агенција досега го опслужуваше Henkel на пазарите во Германија, Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, Белгија, Естонија, Унгарија, Латвија и Литванија. Според резултатите на ревизијата, кон таа листа сега се додаваат и пазарите во Франција, Швајцарија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Словенија и Кипар.
Агенцијата ќе биде задолжена за медиумското планирање и закуп за брендовите за широка потрошувачка на Henkel, вклучувајќи ги Schwarzkopf, Perlan, Dixan, Somat и Vernel. Според проценките, определениот буџет за медиски инвестиции со кои ќе раководи агенцијата е еднаков на околу 500 милиони евра.