Американската компанија за развој на вештачката интелигенција OpenAI ќе се обиде да ја предизвика доминантната позиција на Google и Microsoft во просторот на интернет пребарувачите.
Со последното ажурирање на ChatGPT, корисниците сега ќе можат да пребаруваат за информации од интеренет директно во четботот и да добиваат детални одговори за најновите вести, временски услови, спортски резултати и многу повеќе, секако надополнето со релевантни линкови, без воопшто да ја напуштаат платформата.
Функцијата за веб-пребарување е вградена директно во платформата ChatGPT и ќе работи на два главни начини: корисниците ќе можат директно да ја повикаат вештачката интелигенција да пребарува наместо нив со кликнување на соодветната икона, или пак да му дозволат на четботот да одлучи кога пребарување на интернет би помогнало да се одговори на некое поставено прашање.
Функцијата, претходно тестирана под името „SearchGPT“, користи напредна верзија на GPT-4, извлекувајќи информации во реално време од повеќе извори на вести и податоци за да ги обезбеди најактуелните одговори. Платформата не само што може да комуницира на природен јазик, туку обезбедува и подлабок контекст и ангажман од типичните резултати на веб-пребарување.
Со воведувањето на оваа функција, првично достапна за претплатниците на ChatGPT Plus и Team, платформата исто така ќе биде визуелно подинамична. Корисниците сега можат да очекуваат не само одговори во форма на текст, туку и интерактивни прикази на податоци, како што се графикони и инфографици, сите беспрекорно инкорпорирани во рамките на четботот.