Околу стотина студенти од 124 запишани во прва година на Фармацевтскиот факултет при УКИМ на студиската програма Магистер по фармација присуствуваа на предавањето насловено „Фармацевтската индустрија – предизвици и трендови“, кое на предметниот факултет го одржа г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје.
Низ интересни и реални примери, во рамките на предметот Вовед во фармација, Мукаетов говореше за скромните почетоци на „Алкалоид“, за развојот низ годините и за сето она што е „Алкалоид“ денес – модерна фармацевтска индустрија присутна со своите производи во повеќе од 50 земји во светот.
Во врска со континуираните инвестирања во фармацевтската индустрија, кои се со цел да ги следат модерните текови и трендови во развојот, Мукаетов се осврна и на важноста на соработката меѓу науката од универзитетите и приватните компании.
„Фармацевтскиот факултет при УКИМ и ’Алкалоид’ имаат долга и обемна заемна соработка во повеќе сфери: евалуации, анализи, студии за производи и слично. За нас од особена важност е инвестирањето во идните македонски фармацевти и лекари, па, оттука, големо внимание им посветуваме на програмите за практикантство, а Фондацијата ’Трајче Мукаетов’ за 16 години постоење има стипендирано 659 студенти по фармација и медицина при УКИМ.“
Преку овие студиски програми 119 практиканти и 101 стипендист на Фондацијата своите кариери ги започнале во некои од алкалоидовите оддели во сегментот фармација. Групацијата „Алкалоид“ во моментов има 3.023 вработени. Од нив 623 се дипломирани фармацевти, а 226 се фармацевтски техничари. Во менаџерскиот тим на компанијата од 47 членови 20 се дипломирани фармацевти.
„Алкалоид“ секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на трудот, без оглед на тоа за која позиција станува збор. Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во тој процес, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадар од стручните сфери.