Медиумскиот гигант Disney ја објави својата нова Божиќна кампања насловена „The Boy & The Octopus“, споделувајќи емотивна приказна за едно момче кое создава неверојатно пријателство со мал октопод.
Рекламата, или подобро речено краткиот филм, го следи патешествието на момчето кое открива дека еден љубопитен октопод се „закачил“ за неговата глава за време на одморот на море. По враќањето дома, момчето создава вистинско пријателство со октоподот, така што го запознава својот нов придружник со неговиот живот на копно.
Режисер на спотот е новозеландскиот кинематограф и оскаровец Тајка Вајтити. Кампањата се реализира во соработка со креативната агенција Adam&EveDDB од Лондон.
„Со генерации, Disney е секогаш присутен дел од сезоната на празници низ целиот свет, а овој краток филм се надоврзува на трајната врска што толку многу семејства ја имаат со Disney во овој посебен период од годината. Возбудени сме што соработуваме со Тајка Вајтити на оваа безвременска приказна за детското пријателство во контекст на оваа магична сезона“ – рече Асад Ајаз, генерален бренд директор на The Walt Disney Company.