„Creative Gate“ (creative-gate.org), регионална дигитална платформа наменета за актерите од културните и креативните индустрии на Западен Балкан, официјално беше претставена на настанот „Western Balkans Creative Day“. Со лансирањето на оваа платформа, која беше развиена во соработка помеѓу EXIT фондацијата и македонскиот фестивал „Таксират“, се создаде дигитален простор кој ги поврзува креативните организации, уметниците и културните центри низ регионот, создавајќи можности за деловна соработка и размена на идеи, со визија Балканот да се позиционира како еден од глобалните центри за креативност и креативен бизнис. Ги повикуваме сите заинтересирани актери да се приклучат и да се регистрираат на платформата: www.creative-gate.org.
Преку платформата „Creative Gate“, која е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија и имплементиран од UNESCO, British Council и Италијанската агенција за развој (AICS), креативците имаат можност да се поврзат со инвеститори и партнери. Платформата, исто така, им овозможува да го подобрат своето јавно присуство, деловното работење и да придонесат за зајакнување на општествено-економското влијание на креативните индустрии, создавајќи одржлива и инклузивна креативна средина во регионот.
На отворањето на „Western Balkans Creative Day“ се обратија Клер Сирс, директорка на British Council за Западен Балкан, Рената Радека, регионална координаторка на проектот од UNESCO, и Иван Петровиќ, претседател на Управниот одбор на EXIT фондацијата, кои ја претставија визијата на „Creative Gate“ како простор што ги поврзува културните и креативните индустрии и ја зајакнува регионалната синергија.
„Нашиот регион има огромен потенцијал во креативните индустрии и веруваме дека може да стане еден од глобалните центри за креативност и креативен бизнис, бидејќи ја поседува клучната ‘состојка’ за тоа – таканаречената креативна класа, односно супер-креативни луѓе од овој простор. Токму креативните индустрии се клучни за трансформација на Балканот и тие се најголемата развојна можност како за економски раст, културна партиципација, брендирање и зачувување на културното наследство, развој на културниот туризам, така и во контекст на вработување на домашните таленти и спречување на одливот на мозоци“, изјави Иван Петровиќ, претседател на Управниот одбор на EXIT фондацијата.
Директорката на British Council за Западен Балкан, Клер Сирс, изјави дека оваа иницијатива, финансирана од Европската унија, има за цел зајакнување на креативноста во регионот, обезбедувајќи можности за креативните индивидуалци да се поврзат, разменуваат идеи и учат едни од други. „Идејата за зближување на луѓето и нивно среќавање и учење нови вештини е многу важна за целиот регион“, изјави Сирс.
„Дигиталната платформа Creative Gate помага во пронаоѓање на соодветни партнери за соработка, во создавање на нови уметнички дела, копродукција или други форми на партнерства, особено кога различни типови достапно финансирање се овозможени токму за заедничко пријавување на повеќе организации. Во пракса е докажано дека колаборативниот пристап носи подобри резултати. Дигиталната платформа е замислена да овозможи соработка на Западен Балкан и во Европа, но и да служи за најавување и планирање на настани, пронаоѓање партнери за аплицирање за средства. Креативните и културните индустрии стануваат сѐ поважен фактор за економски развој“, изјави Рената Радека, регионална координаторка на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ во UNESCO.
„Western Balkans Creative Day“ собра лидери и професионалци од светот на креативните индустрии, кои преку инспиративни дискусии го разгледуваа потенцијалот на Западен Балкан. Се говореше за иднината на креативните индустрии преку соработка на асоцијации од сите области на креативните индустрии, како и за начините на кои автентичниот идентитет на регионот може да се брендира и пласира на глобалните пазари.
Меѓу панелите беа претставени регионални проекти во рамките на сесијата „Creative Minds of the Balkans“, кои ги истакнаа уникатните таленти и иновации од регионот. Овие проекти не само што го одразуваат културното наследство на Балканот, туку и илустрираат како интеграцијата на традицијата и модерните креативни пристапи може да придонесат за развој на нови културни и бизнис вредности.
Завршниот дел од овој креативен ден беше одбележан со настани на уште две локации во Белград – премиерата на филмот „EXIT Dance Arena – Electronic music temple“ во кино Балкан, кој го прикажа влијанието на EXIT Dance Arena врз глобалната сцена на електронската музика, а потоа учесниците уживаа и на NoSleep Festival во Хангар на пристаништето Белград. „Western Balkans Creative Day“ беше можност за мрежно поврзување, размена на идеи и креативна работа, создавајќи простор за понатамошен поттик во развојот на културните и креативните индустрии на Западен Балкан.