Шведскиот автомобилски бренд Volvo ја избира агенцијата Initiative, дел од IPG Mediabrands, да управува со нивните глобални медиски инвестиции во вкупна вредност од околу 500 милиони долари.
Партнерството, кое по краток транзициски период ќе започне во текот на 2025 година, ги опфаќа клучните светски пазари на брендот, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Германија, Шведска, Јапонија, Австралија и Кореја, но со исклучок на Кина.
„Редовно го оценуваме моделот и работењето на нашата агенција за да се осигураме дека сме опремени со соодветни технологии, агилност и ефикасност. Ја назначивме Initiative, поддржана од IPG, да ја води нашата медиумска стратегија, планирање и закуп, во сите светки региони со исклучок на Кина. Заедно, ќе ја надоградуваме силната основа на нашиот бренд, обезбедувајќи беспрекорно, врвно и интегрирано искуство за нашите потрошувачи ширум светот“ – соопштуваат од Volvo.
Ваквата одлука означува крај на 25-годишното партнерство што Volvo го имаше со агенцијата Mindshare, дел од групацијата WPP. Од друга страна, постигнатиот договор претставува значајна победа за агенцијата Initiative, која е препознаена по својот иновативен и агилен пристап кон медиумските стратегии.
Веста доаѓа по најавеното спојување на IPG и Omnicom, што покренува прашања за тоа колку и како интеграцијата на двете агенциски мрежи ќе влијае на управувањето со сметката на Volvo.
Агенциската ревизија на Volvo започна во август 2024 година и беше спроведена во соработка со консултантската компанија MediaSense.