Социјалната платформа за кратки видеа TikTok го објави својот годишен извештај насловен „Што е следно“ за 2025 година, кој ги предвидува трендовите и однесувањето на корисниците на платформата за да понуди увид во тоа како брендовите можат да ја добијат наклонетоста на енергичната и разнолика заедница на TikTok.
Главната тема која провејува низ извештајот, презентиран за време на технолошкиот саем CES 2025, е концептот на „Brand Chem“ („Бренд хемија“). Тој ја нагласува важноста на соработката помеѓу брендовите и креаторите на содржини, истакнувајќи дека автентичните партнерства се од суштинско значење за градење значајни врски со публиката.
„Можностите за креативно раскажување приказни на TikTok се бескрајни, а престојнава година ќе ја зближи заедницата на TikTok уште повеќе“ – предвидува Софија Хернандез, глобалната директорка за деловен маркетинг во TikTok
Овогодинешните трендови се категоризирани во три теми: “Brand Fusion”, “Identity Osmosis” и “Creative Catalysts”. Секој концепт истражува како брендовите можат да се прилагодат и да напредуваат во дигиталниот пејзаж кој забрзано се менува.
- „Бренд фузија“ се дефинира како динамична состојба во која брендот добива обновена енергија, станувајќи поодговорен и подготвен да изгради трајни врски. Концептот се фокусира на тоа како партнерствата со креаторите можат да ги ревитализираат брендовите, правејќи ги поагилни и повеќе поврзани со нивната публика.
TikTok укажува на примери како Supercell, кој ја лансираше својата игра Squad Busters преку комбинација на брендирани мисии и соработки со инфлуенсери. Креативната стратегија на кампањата резултираше со огромен глобален досег, опфаќајќи 261 милион луѓе. Дозволувајќи им на креаторите да создаваат автентична содржина, и другите брендови можат да ја поттикнат довербата и да го прошират својот досег до поголема публика.
- „Осмоза на идентитетот“ – Брендовите органски ги интегрираат еволуирачките вредности на нивните потрошувачи, дозволувајќи им на овие променливи идеали да го преобликуваат нивниот идентитет.
Оваа тема истражува како брендовите се преобликуваат себеси за да ги одразат еволуирачките потрошувачки вредности. TikTok забележува дека неговите заедници станале простори каде што застапеноста и инклузивноста стануваат сè поважни, од прикажување на различни перспективи до кршење на стереотипите. Притоа, влијанието на платформата доведува до редефинирање на традиционалните животни фази и приоритети. Разговорите околу теми како финансиската писменост и менталното здравје ја нагласуваат промената кон вреднување на автентичноста и релатибилноста. На пример, 72% од жените на TikTok велат дека им е лесно да се поврзат со нови заедници, благодарение на споделените искуства и моќните наративи.
- „Креативни катализатори“ – Неискористени алатки за маркетерите да конципираат, градат, учат и преземаат повозбудливи креативни ризици од кога било досега.
Оваа тема го разгледува растечкиот ентузијазам за алатки како вештачката интелигенција, кои се прифаќаат како секојдневни решавачи на проблеми, а не како апстрактни концепти. Според извештајот, корисниците експериментираат со вештачка интелигенција за задачи како што се стилизирање на облека и реновирање на домот, трансформирајќи ја технологијата во извор на инспирација и практичност. Предвидувањето, исто така, нагласува како секциите за коментари се развиваат во итеративни простори за трговија, при што брендовите користат повратни информации од заедницата за да го водат развојот на производите, па дури и ги кредитираат корисниците за нивните идеи.
Целосниот извештај е достапен за разгледување и преземање на следниот ЛИНК.