Почнувајќи од април оваа година, сите вработени на огласувачката групација WPP ќе мора да одработуваат најмалку четири денови во неделата од канцеларија.
Одлуката опфаќа повеќе од 110.000 вработени на меѓународно ниво ширум мрежата на WPP, вклучувајќи ги агенциите AKQA, Ogilvy, VML, EssenceMediacom, Mindshare и Wavemaker, кои што веста ја примија преку циркуларно писмо од извршниот директор Марк Рид.
„Поминувањето повеќе време заедно е важно за сите нас и правиме промена за да помогнеме во тоа да се случи … Верувам дека работиме најдобро кога сме заедно присутни лично. Така е полесно е да се учи еден од друг, тоа е подобар начин да се менторираат новите колеги кои штотуку започнуваат во индустријата и ни помага да освојуваме нови клиенти како вистински интегриран тим“ – стои во писмото упатено до вработените на WPP.
Вработените во централата на WPP претходно беа задолжени да работат од канцеларија најмалку три дена во неделата, а поединечните агенции вообичаено поставуваа сопствени правила согласно локалните услови.
Согласно новите правила, групацијата ќе им дозволи на вработените еден флексибилен работен ден во неделата и ќе ги земе предвид нивните индивидуални околности преку формален процес на одобрување.
„Во сè што правиме, нашиот успех сè уште се потпира на основите на човечката поврзаност, креативност и односи. Тимовите од талентирани поединци, кои работат кон заеднички цели, се она што го поттикнува растот за нашите клиенти и нашите агенции“ – заклучува во писмото Марк Рид.
WPP е првата од големите маркетинг групации која воведува повеќе од три задолжителни работни дена во канцеларија после пандемијата. Конкурентите Publicis, Omnicom и IPG засега бараат од своите вработени да присуствуваат во канцеларија најмалку три дена во неделата.