Американскиот спортски бренд Nike објави нова реклама по повод Кинеската Нова Година со која на добрите спортисти им посакува „тешка“ година за да станат уште подобри: „Одлуката да ја имате најтешката година може да биде најдобрата година во вашиот живот“.
Рекламата се надоврзува на последните креативни остварувања на брендот во кои се нагласуваат тешкотиите, предизвиците, искушенијата и истрајноста како неопходни чекори во развојот на секој добар спортист.
Со оглед на тоа што оваа нова година соодветствува на змијата од кинескиот зодијак, Nike се потпира на симболот на легендарниот кошаркар Коби Брајант кој што беше популарно познат како „Црна мамба“.
Во секој момент на тешкотија, прикажаните спортисти во краткиот филм го извикуваат името на Коби, добивајќи поголем мотив и инспирација да останат истрајни и да ја постигнат својата зацртана цел.