Останува уште помалку од еден месец до најголемиот спортски настан во САД и своевидна парада на огласувачката индустрија – Super Bowl LIX.
Финалето на националната фудбалски лига ќе се одржи на 9 февруари во Њу Орлеанс и ќе се емитува на телефизијата FOX. Настанот се очекува да го привлече вниманието на повеќе од 120 милиони гледачи.
Веќе петта година по ред организаторите се одлучуваат за хип-хоп изведувач за време на музичкото шоу на полувремето од натпреварот, кое оваа година го спонзорира Apple Music. Раперот Кендрик Ламар, кој во ноември го објави својот нов албум „GNX“, ќе има 15 минути да го задржи вниманието на публиката во најголемото шоу на сезоната. Традиционално, изведувачите за време на паузата не се платени за нивниот настап.
Тоа, секако, не важи за паузата за реклами. Цената на реклама од 30 секунди годинава достигна рекордни 7 милиони долари. Огласувачите полека ги најавуваат кампањите со кои ќе се претстават пред гледачите, а често се одлучуваат за хумористични или емотивни сценарија.
За време на натпреварот ќе се претстават голем број познати брендови од разни индустрии, вклучувајќи ги: сладоледот Häagen-Daz, безалкохолниот пијалак Mountain Dew, мајонезот Hellmann’s, стриминг сервисот Tubi, чипсовите Doritos и Pringles, рестораните за брза храна Taco Bell, автомобилскиот производител Jeep и многу други.
Во меѓувреме, осигурителната компанија State Farm ја откажа својата реклама на Super Bowl поради големите и трагични пожари во сојузната држава Калифорнија.