Германскиот телекомуникациски гигант Дојче Телеком одлучил да ги префрли водечките креативни должности за европскиот пазар од агенцијата Saatchi & Saatchi London на агенцијата Ingo Stockholm, пренесува адвертајзинг магазинот Campaign.
„Ние работиме со над 15 агенции низ Европа, кои се одговорни за одредени региони и теми во нашата маркетинг матрица. Покрај тоа, имаме и водечка креативна агенција. Таа има еден вид предводничка функција и треба да го постави тонот во смисла на креативна извонредност“ – објаснува генералниот бренд директор на Дојче Телеком, Улрих Кленке, во интервју за германското издание на Campaign.
Прва задача на Ingo Stockholm ќе биде осмислувањето на пан-европска кампања која ќе ги таргетира младите.
„Брифингот се однесуваше на младинска кампања за цела Европа што би сакале да ја спроведеме оваа година. Имаше еден клучен услов: сакаме да искористиме нов креативен пристап за да ја поттикнеме Генерацијата Z да го засака нашиот бренд. Тоа беше сè“ – додава Кленке.
Агенцијата Saatchi & Saatchi ќе продолжи да соработува со Дојче Телеком на пет европски пазари.
Процесот на ревизија бил спроведен во соработка со германската консултантска компанија Cherrypicker.