Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions го отвори конкурсот за пријавување проекти за натпреварувачкиот дел на овогодинешното 72-то издание. Рокот за пријавување проекти трае до 10 април 2025 година.
Паралелно со објавувањето на конкурсот беа соопштени и имињата на светските експерти кои потврдиле дека ќе ги водат жири-комисиите во 2025 година.
Претседателите на жири-комисиите, кои ќе се состанат во Кан во јуни, ќе помогнат во изборот на најкреативните и најефективните огласувачки проекти во светот за изминатата година. Овогодинешните претседатели на жирито го вклучуваат Али Али, ко-основач и филмски режисер од Good People Films, кој за прв пат го претставува Египет како претседател на жирито во категоријата „Film Craft Lions“.
Cannes Lions соопшти значајни новитети за 2025 година, вклучително и преименување на категоријата „Social & Influencer Lions“ во „Social & Creator Lions“, за да ја нагласи растечката улога на креаторите на содржини во маркетингот. Бет Кими, генерална дигитална директорка на TBWA\Media Arts Lab, ќе служи како претседателка на жирито за „Social & Creator Lions“, носејќи ја својата експертиза во дигиталните иновации за да го води жирито во препознавањето на револуционерните креативни остварувања.
По повод својата 10-годишнина, специјалната награда „Glass: The Lion for Change“ се редефинира со цел да ја одрази попространата визија за социјална еднаквост. Во 2025 година, опсегот на оваа награда ќе биде проширен надвор од родовите прашања со цел ја прослави креативната извонредност која промовира подеднаква застапеност во поширок опсег на заедници – од физичка попреченост и раса до сексуалност и социјална нееднаквост. Од учесниците ќе биде побарано да ја идентификуваат специфичната заедница што ја застапува нивната кампања, да го опишат проблемот со кој се обидува да се справи и да го демонстрираат нејзиното значајно и долготрајно влијание. Глобалната директорка за иновации за попречености во Google, К. Р. Лиу, инаку прославен поборник за инклузија и иновации, ќе игра витална улога како претседателка на жирито во поттикнувањето на овие трансформативни креативни решенија.
Коментирајќи ги претседателите на жирито, Сајмон Кук, извршен директор на LIONS, истакна: „Возбудени сме што можеме да ја поздравиме разноликата и прогресивна група на лидери кои ја разбираат трансформативната моќ на креативната извонредност во поттикнувањето на деловниот раст и влијание. Сите од нив експерти во својата област, со нивниот неверојатен талент, во комбинација со посветеноста и лидерството што ги носат во нивните улоги, обезбедуваат највисоки нивоа на интегритет и строгост во процесот на жирирање. Им благодариме за сето она што ќе го вложат во важната задача што им претстои во јуни.“
Листата на потврдени претседатели на жири-комисиите по категории е достапна на следниот ЛИНК.
Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions ќе се одржи од 16 до 20 јуни 2025 година во Кан, Франција. Сите информации за учество можат да се најдат на официјалната веб-страница www.canneslions.com.